Во соопштението на Уставниот суд, меѓу другото, се наведува дека Уставот не предвидува никаква можност за разрешување на уставен судија ниту од страна на законодавната, ниту од извршната власт
Откако коалицијата на „Европскиот фронт“ поднесе предлог за интерпелација на претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, од Судот денеска одговорија со соопштение објавено на веб-страницата на Уставен на 13 март годинава, кое се однесува на можноста за интерпелација на уставни судии.

Во соопштението на Уставниот суд, меѓу другото, се наведува дека Уставот не предвидува никаква можност за разрешување на уставен судија ниту од страна на законодавната, ниту од извршната власт.
„Уставот не му дозволува на Собранието на Република Северна Македонија со законски решенија на било кој начин да влијае на надлежностите, начинот на избор, престанокот на функцијата на уставните судии. Овластувањето на Собранието завршува со моментот на избор на уставните судии“,
се наведува во соопштението на Судот.
Дополнително се нотира дека институтот интерпелација во ниеден случај не се однесува и не може да се примени на уставните судии бидејќи во спротивно се губи смислата на Уставниот суд и се прави тешка повреда на Уставот бидејќи на тој начин се прави упад во самостојноста и во независноста на Уставниот суд.
„Самостојноста и независноста на Уставниот суд и уставните судии имаат најсилна уставна гаранција“,
додаваат од Судот.
Се посочува дека секоја преземена постапка или дејствие надвор од уставната одредба која ги предвидува основите за престанок на функцијата уставен судија би претставувало грубо кршење на Уставот, повреда на уставните гаранции за самостојноста и независноста на Уставниот суд.
Опозициската коалиција „Европски фронт“ предводена од Демократската унија за интеграција (ДУИ) вчера во Собранието поднесе иницијатива за интерпелација на претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски.