Против изборот на професорката гласаа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, кои како и на расправата пред Комисијата за прашања за изборите и именувањата, така и на денешната пленарна дискусија не ја спореа нејзината стручност, но имаа забелешки за нејзиниот политички ангажман во минатото, поради кој сметаат дека со нејзиниот избор ќе се партизира Уставниот суд
По подолг период, Уставниот суд од денеска е во комплетен состав од девет судии, откако Собранието на денешната 140. Пленарна седница ја избра универзитетската професорка Ана Павловска-Данева за уставен судија.
За предлог за нејзин избор, „за“ гласаа 65 пратеници, 26 беа „против“, а воздржани немаше.

По гласањето Павловска-Данева ја изговори, а потоа и ја потпиша свечената изјава со која се обврзува дека функцијата ќе ја извршува одговорно, согласно Уставот и законите.
Против изборот на професорката гласаа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, кои како и на расправата пред Комисијата за прашања за изборите и именувањата, така и на денешната пленарна дискусија не ја спореа нејзината стручност и тоа дека е истакнат правник, но имаа забелешки за нејзиниот политички ангажман во минатото, поради кој сметаат дека со нејзиниот избор ќе се партизира Уставниот суд.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои зедоа збор на седницата прашаа дали Павловска-Данева ќе биде независна од влијанието на СДСМ бидејќи во еден од минатите состави на Парламентот беше пратеник, а ја извршуваше и функцијата потпретседател на СДСМ.
Од опозициската партија прашаа и дали како уставен судија таа ќе работи согласно Уставот и законите или ќе биде послушник на власта. Како што кажаа, не веруваат дека со Павловска-Данева како уставен судија ќе има подобрување на довербата во судството, кое како што рекоа додека СДСМ и ДУИ се на власт ќе биде неефикасно во борбата против корупцијата.
„Не е во прашање само стручната подготовка, многу битен е личниот интегритет и кредибилитет да се носи со позицијата и да не потпадне под партиски влијанија. Ана Павловска-Данева била носител на листа, пратеник и во еден момент потпретседател на СДСМ. Ќе речете тоа било пред неколку години, но треба јасно да се дефинира во закон колку години кандидатот не треба да се занимава со политика“,
рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Здравко Трајанов.

Тој рече оти се согласува со некои од ставовите на Павловска-Данева, како што се нејзините критики за поранешното Специјално јавно обвинителство, за бројот на министри и за Великотрновскиот универзитет. Сепак, додаде оти е факт оти е наградена од СДСМ пред изборите да го добие тоа што треба да го добие.
Според Даниела Христова, исто така од ВМРО-ДПМНЕ, времето ќе покаже дали Павловска-Данева ќе остане доследна на професионалноста „или ќе си ги покаже партиските квалитети“ затоа што факт е, рече таа, нејзината партиска припадност.
Нејзиниот собраниски колега и сопартиец Драган Ковачки од собраниската говорница кажа дека номинацијата на Павловска-Данева е „навреда за чесните правници кои на крајот на кариерата се оневозможени да се кандидираат за уставен судија“. Според него не може да се знае каква ќе биде како уставен судија затоа што никој не ја поканил да се претстави и да ги изнесе своите ставови, ниту некој од владејачко мнозинство се пријавил да ја претстави пред пратениците.
„Како да дискутираме за лице кое не дошло да се претстави пред нас? Дали ќе има партиско влијание ако некој опори закон пред Уставен суд? Дали ќе може да разграничи што е партиско што е професионално? Каков ќе биде нејзиниот однос кон наметната претседателка на Судот, Кацарска, касапот на македонското судство, која стана тоа зашто успешно монтираше судски процеси и се изучува како негативен пример на универзитети во светот“,
рече Ковачки.

Тој рече оти не е компетентен да ја цени стручноста на Павловска-Данева, но дека процедурата би била јасна ако бил донесен законот за Уставен суд кој, како што кажа, е неисполнето ветување на вицепремиерот Бојан Маричиќ од времето кога бил министер за правда. Со тој закон, рече, ќе имало точни критериуми за селекција и не ќе можело партиски кадри да се вработуваат како уставни судии.
Ковачки праша и зошто СДСМ се откажале од претходниот предлог – Љубомир Јовевски да биде кандидат за уставен судија и дали биле искрени кога го предложиле или кога ја повлекле кандидатурата.
На говорите на опозиционерите реплицираа три пратенички на СДСМ. Марија Георгиевска рече дека за стручноста на Павловска-Данева како правник говорат нејзини колеги и соработници, а за нејзиниот интегритет говори тоа што има критички став и кон власта и кон опозицијата.
Жаклина Лазаревска им порача на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ дека не забораваат како во време на нивното владеење се избирале судии.
„Од некојси тефтерчиња… и сè уште на власт има ‘сваровски’ судии. Парот Маневски одредуваше кои ќе бидат судии и обвинители. Тоа ќе го вратите назад? Прво да видиме какви сме ние, па да дискутираме какви се другите“,
рече Лазаревска.
На забелешката од опозицијата дека била пратеник на СДСМ во Собранието, Калеска-Ванчева одговори дека „супер би било кога секој уставен судија би поминал низ овие клупи“.

„Јас и моите колеги немаме дилема да гласаме за овој предлог. Нејзините професионални докажани дела не можете да ги оспорите – нејзиното школување, развој, магистратура на тема ’Омбудсман’, докторска дисертација од 2004 година, учеството на бројни меѓународни конференции и работилници, во изработка на закони, нејзиното критичко мислење“,
рече Калеска-Ванчева во одбрана на професорката од Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, а која предава и на Академијата за судии и јавни обвинители.
Инаку, предлогот за професорката на Правниот факултет „Јустинијан Први“ да биде нова уставна судијка дојде откако на 24 јануари по речиси година и половина расправа во Собранието беше повлечен предлогот за доскорешниот републички обвинител Љубомир Јовески да биде уставен судија.