Столчињата во Уставниот суд почнаа да се празнат на крајот на мај 2021 година кога им истекоа мандатите на тројца судии: Сали Мурати, Елена Гошева и Никола Ивановски. Кон средината на јануари годинава, пак, заврши мандатот и на судијата Јован Јосифовски со што судот остана со само петмина судии што е на раб на кворум и за одржување седници

Уставниот суд алармира и бара Собранието да избере нови судии за да се комплетира составот на овој суд бидејќи, велат, ситуацијата е сериозна и веќе неколку месеци доведено е во прашање носењето на одлуки.
Уставен во моментов има пет од вкупно девет предвидени судии, може да оддржува седница, но за донесе одлука потребно е мнозинство од вкупно деветте предвидени гласови. Денеска одржал седница на која имало три иницијатива и едно барање од граѓанин за заштита на слободите и правата, но за ниту една точка не се донела одлука поради недоволно мнозинство гласови.
„Уставниот суд повторно алармира за сериозноста на ситуацијата затоа што доведено е во прашање носењето на одлуки поради некомплетниот состав веќе неколку месеци. Се работи на граница на кворум за одржување на седници, информираме дека повеќе од 30 предмети за кои не е добиено мнозинство во изминатиот период чекаат комплетен состав на уставни судии. Состојбата загрижува со оглед дека остануваат голем број на предмети поради недобиено мнозинство, а постои опасност иницијативите кои во меѓувреме пристигнуваат да треба да чекаат повеќе од предвидениот период за ефикасно решавање кое судот го предвиде во годишната програма“,
велат од Уставниот суд.
Овој суд речиси 11 месеци е некомплетен. Пратениците со месеци не може да се усогласат околу изборот на нови пратеници, а одреден период беше блокирана и работата на Комисијата за прашања на изборите и именувањата во Собранието, чиј филтер треба да го поминат кандидатите за уставни судии. До закочување на работата дојде и поради модифицирање на парламентарното мнозинство со одлуката на Беса да премине во опозиција по локалните избори во октомври лани. Член на оваа комисија беше пратеникот Фадил Зендели од Беса, кој новото мнозинство пред еден месец успеа да го разреши со образложение дека како дел од опозицијата тој не треба да го зазема местото кое ѝ припаѓа на владејачката коалиција. Не негово место во март годинава дојде пратеникот од мнозинството, Дарко Каевски, а Комисијата доби и нов претседател – пратеничката Марија Георгиевска која го замени Костадин Костадинов кој го напушти парламентот бидејќи стана градоначалник на Струмица.
Столчињата во Уставниот суд почнаа да се празнат на крајот на мај 2021 година кога им истекоа мандатите на тројца судии: Сали Мурати, Елена Гошева и Никола Ивановски. Кон средината на јануари годинава, пак, заврши мандатот и на судијата Јован Јосифовски со што судот остана со само петмина судии што е на раб на кворум и за одржување седници.