Случајот бил пријавен во СВР Тетово во 23:30 часот, а со лицата не можело да се воспостави контакт поради отсуство на мобилна мрежа. Лицата се пронајдени и успешно извлечени во 8:30 часот утринава. Тие се во добра здравствена состојба
Двајца вработени во мобилниот оператор А1 вчеравечер останале заглавени во снег над селото Лазарополе во близина на базната станица на операторот. Според информациите на Министерството за внатрешни работи, случајот бил пријавен во СВР Тетово во 23:30 часот, а со лицата не можело да се воспостави контакт поради отсуство на мобилна мрежа. Случајот бил проследен до Полициското одделение Ростуше.

„Ангажирани биле припадници на Одделот за специјални полициски операции и Одделот за униформирана полиција при МВР, како и припадници на Дирекцијата за заштита и спасување. Со две теренски возила, опремени со санки за снег и соодветна спасувачка опрема, екипите се упатиле кон местото на настанот“,
наведуваат од МВР.
Лицата се пронајдени и успешно извлечени во 8:30 часот утринава. Тие се во добра здравствена состојба.
„Станува збор за лицата Г.Н. (47) и М.М. (37), двајцата од Скопје, кои се движеле со теренско возило марка ‘фолксваген амарок’ со скопски регистарски ознаки. Биле пронајдени на локација позната како Коритник, во близина на предавателот на мрежата на А1, во атарот на село Лазарополе“,
посочуваат од Министерството.
