Според извршниот директор на ЗНМ, помалите онлајн медиуми ќе бидат доведени во подредена улога, особено оние што работат надвор од Скопје и едвај успеваат да имаат скромни примања за еден или двајца вработени
„Ќе се согласите дека респектабилен медиум е медиум кој има повеќе вработени, кој продуцира свои вести и информации и затоа ја ставивме скалата на тројца вработени“, вели министерот за дигитална трансформација во чија надлежност е Законот за медиуми со чии измени ќе се прави регулација на интернет-порталите

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) има две забелешки на содржината на нацрт-измените и дополнувањата на Законот за медиуми кои веќе утре може да се најдат на владина седница, вели извршниот директор на ЗНМ, Драган Секуловски, во дебата во емисијата „360 степени“ на МРТ 1.
Првата забелешка, вели Секуловски, е во однос на минималниот услов да има три лица во редовен работен однос за да се влезе во регистарот на онлајн медиуми што ќе го води Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услови. Според него, помалите онлајн медиуми ќе бидат доведени во подредена улога, особено оние што работат надвор од Скопје и едвај успеваат да имаат скромни примања за еден или двајца вработени. Предлогот на ЗНМ е да се направи исклучок, односно да се има разбирање за нив, бидејќи доколку тоа не се направи, големите може да станат уште поголеми, а локалните да згаснат.
„Ќе се повикам на правилниците кои ги има регулаторот (АВМУ), посебно за традиционалните медиуми. Ние имаме правилник за минимум технички стандарди, одредени правила важат за национални телевизии, а одредени за регионални и локални и тие не се исти. Така што, според таа логика и инерција, може да се направи модел по кој ќе бидат вклучени и помалите медиуми надвор од Скопје во овој т.н. регистар на онлајн медиуми“,
вели извршниот директор на ЗНМ.

Дополнително, вели дека техничките детали се важни, но во моменти кога има преголема опседнатост со нив, се заборава суштината, а во овој случај, како што кажа, суштината е дека во Македонија има „медиумски пустини“, региони во кои нема ниеден медиум, и оти тоа не се одразува само на локално ниво, туку и на национално бидејќи токму локалните медиуми постојат за да се задоволат и националните потреби од локални теми.
На новинарско прашање како е дојдено до бројката од најмалку тројца вработени, министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски рече дека нашле решение помеѓу два екстреми – едниот кој велел да не се зема предвид бројот на вработени со што секој би можел да регистрира онлајн медиум, и вториот екстрем, кој вели дека е потребно да се бара сериозна бројка на вработени, нешто што го исполнуваат телевизиите од национален и локален карактер или радијата. Андоновски дополни дека планираниот регистар не бара задолжителна регистрација и оти медиумите кои нема да се регистрираат нема да прекинат со функционирање и оти со измените на законот, регистрираните професионални медиуми нема да добијат никакви поволности.
„Со овие измени ниту даваме субвенции на тие што ќе се регистрираат, ниту поголеми примања, туку се движиме кон професионализација и бараме да овие онлајн медиуми кои ќе се регистрираат навистина да бидат респектабилни. Ќе се согласите дека респектабилен медиум е медиум кој има повеќе вработени, кој продуцира свои вести и информации и затоа ја ставивме скалата на тројца вработени. Нема да се сложам само за една работа – локална телевизија, национална телевизија дека е еднаква на локален онлајн медиум, затоа што никој не може да спречи еден локален онлајн медиум кој е лоциран во Велес да може да споделува информација за Доналд Трамп, за Украина, за европски интеграции на Македонија, никој не може да го ограничи дека ќе споделува само локални вести“,
рече министерот Андоновски.

Андоновски е согласен дека локалните медиуми треба да добијат поголема поддршка и оти тоа е обврска на општините кои преку нив ќе може да ги пласираат своите информации, без притоа да бидат дел од регистарот на професионални онлајн медиуми и оти земјава мора да покаже ниво на квалитет на национално ниво. Тој вели и дека како министерство се отворени за разговор и за изнаоѓање решение со кое ќе се направи квалитативната разлика помеѓу видовите онлајн медиуми.
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ќе го води регистарот на професионални медиуми, а во однос на тоа дали веќе се препознаваат одредени предизвици на тој план, директорот Зоран Трајчевски рече дека тие имаат искуство со водење регистри, бидејќи од 2014 година водат регистар на печатени медиуми. Вели, периодов по случаен избор се правеле анализи на интернет-портали за да се види дали ги исполнуваат условите, без разлика на тоа дали станува збор за големи или локални портали.

Трајчевски вели дека постојат познати портали во државата кои не се регистрирани со дејност медиуми и кои ќе треба да направат регистрација во Централниот регистар за да можат да бидат регистрирани.
„Искуството кај традиционалните медиуми покажува дека не само бројот на вработени, туку дека мора и главниот и одговорен уредник да биде во редовен работен однос бидејќи тој е креаторот на уредувачката политика и најодговорно лице, за да не дојдеме до ситуација да се избегнува законот, да одговараат одредени новинари за содржини кои се објавуваат, а главниот и одговорен уредник да не е во редовен работен однос“,
кажа Трајчевски.
Тој едно од можните решенија за локалните медиуми и бројот на вработени, го гледа во регистрација на помалите локални портали во непрофитни организации, со што би добиле поволности во однос на бројот на вработени, но не би имале право на реклами или, пак, да остваруваат профит.
На новинарска забелешка дека тие веројатно не би се согласиле да немаат право на државно рекламирање, Трајчевски вели дека во тој случај правилата би важеле како и за оние кои имаат тројца вработени.
„Сегашниот закон, оваа верзија која е во процедура, не предвидува нешто такво. Ако одредена група портали сметаат дека се престроги услови и ако работат на локално ниво, а за да опстанат минимумот е еден вработен, ако намалиме од три, во таква ситуација, ако сакаат да работат, би било добро да работат како непрофитни организации и на тој начин и ќе бидат во Регистар, а ќе имаат само еден вработен“,
рече Трајчевски.