„Има деца што се со отворени рани, имаме информација дека има деца со бактерии, имаме деца со некоја инфекција. Ние можеме да ги поканиме сите институции да дојдат и да видат, да ги прошетаме низ болницата, да видат каква е ситуацијата и како тие деца се лекуваат“, вели Марко Димитриев од „Сапорт Кочани“

Вознемирувачките фотографии од повредените во Кочани ги објавуваме на социјалните мрежи како аларм, вели Марко Димитриев од „Сапорт Кочани“ во интервју за Радио слободна Европа (РСЕ).
Димитриев вели дека тие фотографии не се од најсериозно повредените, туку од оние што се со средно тешки повредени и се во процес на рехабилитација.
„Сега во моментот во Кочани има над 50 деца што имаат потреба од заздравување и закрепнување. Ние зборувавме со луѓе од Холандија, Германија и Бугарија за изработка на компресивна облека, тоа се ракавици, за нозе, стегачи, за гради, лице и за врат. Тие се некои помагала што им требаат во моментот за побрзо да оздрават. Од кочанската болница дојдоа кај нас и имавме еден разговор каде што заедно пробавме да најдеме начин да им помогнеме на тие деца. Така што, сè што правиме во моментот правиме за доброто на тие деца и да видиме како можеме да им помогнеме кога веќе гледаме дека, на некој начин, се запоставени“,
рече Димитриев.
Според него, на почеток сите доктори, од различни здравствени установи, многу помогнале и професионално си ја вршеле работата. Но сега, според него, условите за третман на дел од повредените во кочанската болница не се задоволителни.
„Значи, има деца што се со отворени рани, имаме информација дека има деца со бактерии, имаме деца со некоја инфекција. Ние можеме да ги поканиме сите институции да дојдат и да видат, да ги прошетаме низ болницата, да видат каква е ситуацијата и како тие деца се лекуваат. Тоалетите во болницата да ги видат, да видат каква е структурата таму, дали има потреба од санација. Ние ја имаме реалната слика, ние сме таму, комуницираме со децата, со родителите, со засегнати, со сите. Така што, сите можат да дојдат и заедно да видиме како можеме да помогнеме бидејќи знаеме дека условите не се како што се претставени“,
рече тој.
Димитриев рече дека од самиот почеток кажале дека се отворени за соработка со сите што сакат да помогнат, без разлика од која партија, од која структура и на која функција се.
„Нашата примарна цел е да им помогнеме на сите деца. Прво беше да ги вратиме сите во Кочани, живи и здрави, а сега, откако поголем дел, уште има надвор што се лекуваат, нели, да им помогнеме што подобро и побрзо да закрепнат. Значи, тука сме ние за секаква соработка. Ние очекуваме институциите да си ја вршат нивната работа за закрепнување на децата. Како на почеток што имаше брза и навремена реакција, очекуваме и сега да има. И не е само да се реагира, туку треба и да се превенира во некои ситуации. Превенцијата спречува после да има реакција. Така што, секој што сака и што може да помогне, ние го покануваме, нека дојде и нека виде на лице место каква е ситуацијата“,
додаде тој.
Тој порача дека родителите на загинатите бараат правда и одговорност и не сакаат селективна правда, туку да се истера работата до крај.
Вели дека „Сапорт Кочани“ настанала на денот кога се одржаа погребите на загинатите. Тогаш тројца иницијатори ја создале групата, која сега е здружение, за да се дигитализираат и централизираат собирањето и распределбата на донираните средства.