Уште тројца здравствени работници од болницата во Куманово, даруваа крвна плазма за лекување на лица болни од ковид-19.
„Мирјана, Јадранка и Исмаил од Општата болница во Куманово, по закрепнувањето од ковид-19 даруваа конвалесцентна плазма за лекување на пациентите од коронавирусот“,
соопштија од Министерството за здравство.
Здравствените работници апелираа секој што го победил вирусот да донира крвна плазма за да спаси друг живот.
„Ние го имаме лекот во нас и треба да го искористиме. Антителата со текот на време ослабуваат, подобро да помогнеме на некого, ќе се чувствуваме подобро како луѓе. Апелирам до сите мои сограѓани, а ги има во голем број, Куманово беше жариште на вирусот, да го сторат истото што побрзо. Сега треба да се мобилизираме во што поголем број. Да помогнеме на заболените и на здравствениот систем. Да не заборавиме низ што поминавме и со колку неизвесност и страв чекавме дали болеста ќе прогресира или ќе оздравиме. Ги охрабрувам дека ова е единствениот начин да се оддолжиме за сѐ што беше направено за нас за да ја победиме болеста“,
вели Јадранка, медицинска сестра која даруваше крвна плазма.
