Во однос на здравствената состојба на пациентите во странство, Таравари рече дека четворица од нив се критични и оти кај двајца повторно е влошена состојбата

Уште пет пациенти што се повредени во пожарот во Кочани, а кои се хоспитализирани во болниците во Скопје денеска ќе бидат пуштени на домашно лекување, најави министерот за здравство Арбен Таравари на денешната прес-конференција.
Овие пет пациенти, како што рече Тарвари, се дел од вкупно 21 што се на лекување во скопските болници.
„Од хоспитализираните, шест пациенти се во Клинички центар, шест во старата Градска болница и пет во ГОБ ‘8 Септември’, додека четворица се во приватните клиники. Денеска има пет исписи на пациенти кои се во подобра состојба и одат на домашно лекување по што ќе останат вкупно 16“,
рече Таравари.
Од оние пациенти што беа пратени на лекување во странство, Таравари рече дека денеска се враќаат двајца и тоа од Литванија и од Шведска.
Овие двајца пациенти министерот рече дека прво ќе бидат примени и прегледани во домашните болници од каде биле и испратени, според протоколот ќе бидат задржани 24 часа, а потоа ќе бидат пуштени дома.
По враќањето на овие двајца пациенти, министерот рече дека во странство остануваат 89 пациенти и додаде дека следни што ќе се вратат ќе бидат петмина, но тоа ќе биде дури во понеделник.
„За утре нема најава за враќање на други пациенти од странство“,
рече тој.
Во однос на здравствената состојба на пациентите во странство, Таравари рече дека четворица од нив се критични и оти кај двајца повторно е влошена состојбата.
„Сè уште има и интубирани пациенти во тешка, но не и животно загрижувачка состојба“,
рече Таравари.