Директорката на Клиниката за пластична хирургија, Јасмина Ѓоргиевска-Павловска, информира дека вчера тим од Клиниката бил во Кочани, при што било утврдено дека има услови за лекување, но оти нема доволно кадар. Таа упати и апел да се внимава во однос на мелемите кои биле нудени по социјалните мрежи, бидејќи не се знае од какво потекло се и дали се стерилизирани
Четворицата повредени во пожарот во Кочани, кои по лекувањето во Шпанија вчера се вратија во земјава, се пуштени на домашно лекување во одлична здравствена состојба, додека пациентот што се врати од Атина е задржан додека лекарите не бидат сигурни дека и тој може да си замине дома.

Ова денеска на прес-конференција во Министерството за здравство го соопштија директорите на дел од клиниките во Скопје и ресорниот министер Арбен Таравари, кој информира за актуелната состојба на пациентите кои се лекуваат во домашните и во здравствените установи во странство.
Директорот на Клиниката за токсикологија, Андон Чибишев, информира дека кај нив имало двајца пациенти кои иницијално биле примени уште првиот или вториот ден, во стабилна состојба, но лекарите сè уште не биле до крај задоволни од референтноста на иследувањата што во меѓувреме ги правеле.
Вчера кажа дека биле примени четворицата пациенти кои се вратија од Шпанија, кои веднаш биле примени и опсервирани на Клиниката и сите добиле одредена терапија.
„Денеска на визита повторно ги видовме, земавме и токсиколошки и лабораториски анализи. Повторно сите наоди се во референтни вредности, пациентите се со стабилни клинички параметри и денеска и тие четворица и тие двајца кои на почетокот ги примивме, ги испративме дома во одлична здравствена состојба“,
рече доктор Чибишев на прес-конференцијата.
Во врска со пациентот што се врати од Атина, надлежните информираа дека кај него изгорениците биле целосно зараснати, но по направените токсиколошки лабораториски анализи било решено тој да остане на натамошна опсервација.
Министерот за здравство Арбен Таравари информира дека четворица пациенти остануваат критични. Сепак, како што оцени, генерално состојбата на пациентите се подобрува.
„Сè повеќе добиваме податоци за пациенти коишто се екстубираат, се пренесуваат на лекување во одделенија, за пациенти кои следните денови ќе се оперираат од пластични хирурзи и можам да кажам дека секојдневно е сè подобро и подобро. Генерално зборувам здравствената состојба на пациентите е подобра“,
рече министерот.
Тој информира дека во Клиниките и болниците во Скопје во моментов се лекуваат 24 пациенти од кои девет денеска треба да бидат пуштени на домашно лекување. Од пациентите седум се лекуваат во Клиничкиот центар, шест во „Св. Наум Охридски“, осум во Градската општа болница „8 Септември“, додека во приватните клиники има тројца пациенти.

Министерот соопшти и дека за денеска е најавено враќање на уште осум пациенти.
„Од вкупно 24, денеска девет ќе бидат испишани. Тие се во добра, стабилна состојба и може да продолжат со домашно лекување. Практично, утре ќе имаме 15 пациенти од кои ќе видиме дали ќе има нови за испис. Вчера се вратија пациенти – еден од Атина и четири од Шпанија. Вкупно надвор од државата се лекуваат 1 008. Денеска се најавени осум пациенти да се вратат. Двајца од Белгија, двајца од Австрија, двајца од Турција и двајца од Хрватска. Практично утре ќе останеме со бројка од 100 пациенти (во странство). Еден пациент во Шведска е сместен во хотел, продолжува повремено да оди во болница додека го испишат и него. Имаме најави и за повеќе пациенти кои следниве денови ќе се вратат, но за нив ќе информираме дополнително“,
рече министерот.
Додаде дека генерално сите се во стабилна и добра состојба освен четворица пациенти кои беа критични.
„Меѓутоа, кога велам критични, денеска се малку подобро од тоа што биле вчера, но сè уште се во релативно тешка здравствена состојба“,
изјави Таравари.
Директорката на Клиниката за пластична хирургија, Јасмина Ѓоргиевска-Павловска, информира дека вчера тим од Клиниката бил во Кочани, при што било утврдено дека има услови за лекување, но оти нема доволно кадар.
„Видов дека има добри услови, но нема доволно кадар и материјали, со тоа што заедно со Министерството за здравство сега ги правиме тимовите кои би оделе таму за преврски и потребните материјали. Наша цел е пациентите што се со помал степен на изгореници да ги префрлиме, за да не доаѓаат на два–три дена во Скопје, туку да можат таму да доаѓаат на преврски“,
рече таа.

Доктор Ѓоргиевска-Павловска воедно упати и апел да се внимава во однос на мелемите кои биле нудени по социјалните мрежи, бидејќи не се знае од какво потекло се и дали се стерилизирани.
„Вчера некој ми спомена дека има мелеми коишто се продаваат на социјалните мрежи. Значи, не знаеме од каков потекло се и дали се стерилни или не. Затоа се овие тимови што ги формираме и ќе ги испраќаме во Кочани за да можат тие пациенти да се третираат во стерилни услови, со материјали кои се стерилизирани, за да можеме инфекциите да ги сведеме на минимум“,
кажа директорката на Клиниката за пластична хирургија.
За инфекциите рече дека никогаш не се знае и дека тие можат да се јават во секоја фаза од процесот на зараснување на раната.