Министерот за здравство Венко Филипче попладнево на прес-конференција соопшти дека во земјава во моментов се тестираат уште осум лица за коронавирус.
„Во овој момент се испитуваат уште осум пациенти на Клиниката за инфективни болести. Тоа е пациент со симптоми, кој на 26 престојувал во Бугарија и неговата сопруга, понатаму еден патник од Сингапур, четири лица од семејството кои биле во контакт со хоспитализираните пациенти од Дебар и еден пациент од Гевгелија за кој е испратен материјал и во овој момент ги очекуваме податоците од локалниот епидемиолог“,
изјави министерот Филипче.
Резултатите за сите осум пациенти ќе бидат готови во ист момент и наскоро ќе бидат објавени.
Досега во земјава се потврдени четири случаи на заразени со коронавирус. Првиот случај беше жена која се вратила од Италија, вториот и третиот се сопружници од Дебар, кои исто така биле во Италија. Четвртиот случај, пак, беше потврден денеска и станува збор за директорката на Клиниката за кожни болести во Скопје. Во моментов, сите лица, речиси 200 што биле во контакт со директорката се наоѓаат во домашна изолација.
*Поврзана вест: Речиси 200 лица што биле во контакт со заразената лекарка се во домашна изолација – таа ќе биде разрешена од позицијата по изборите (ВИДЕО)