Вооружен грабеж утринава се случи во експозитурата НЛБ банка во Ѓорче Петров.
Затекнатите клиенти и вработените во експозитурата се во добра состојба, соопштија од банката додавајќи дека во моментов нивни претставници се во постојан контакт со клиентите и вработените кои биле присутни во експозитурата.
Паралелно, информираат од банката, тие соработуваат со надлежните органи за брзо и ефикасно решавање на случајот, како и утврдување на висината на направената штета.
НЛБ беше мета и на еден од најголемите грабежи во земјава
Експозитурите на НЛБ и во минатото беа мета на вакви грабежи. Последниот беше во јули лани во експозитурата во Сарај, а претходно во онаа во Чаир во април лани кога беа украдени 150.000 евра. Но досега нема информации дека сторителите се пронајдени или фатени.
Но со оваа банка во земјава се поврзува и еден од најголемите грабежи на банки, кога во април 2017 година вработени од банката од трезорот украдоа 400.000 швајцарски франци и 375.000 евра.
На судењето трезористот Бобан Смилевски и уште тројца други вработени, неговиот брат Горан Смилевски, Борис Мичевски и Мирослав Каевски ја признаа вината.
На изрекувањето на пресудата првоосомничниот Смилевски рече дека парите ги украл оти бил во долгови и тој и семејството биле под закани. Тој доби девет години и два месеца затвор, неговиот брат Горан Смилевски, кој како и Бобан се товареше за тешка кражба и затајување, е осуден на шест години и шест месеци, додека Борис Мичевски, кој според обвинителниот акт наводно ги превезол украдените пари, доби казна од пет години и два месеца.
Четвртообвинетиот во овој случај, Мирослав Каевски, вработен како трезорист во Тутунска банка, доби условна казна затвор од две години. Тројцата првообвинети требаше и во рок од една година од правосилноста на пресудата солидарно да ја надоместат штетата на Тутунска банка. Парите до денеска не се пронајдени.