Шеесет и седумгодишниот Маганов бил на лекување во московската централна клиничка болница и починал од повредите здобиени при падот од прозорец на болницата, соопштиле неименувани извори за руските медиуми
Директорот на рускиот нафтен гигант „Лукоил“, Равил Маганов, починал по пад од прозорец на болница во Москва, пренесува Би-би-си.
Шеесет и седумгодишниот Маганов бил на лекување во московската централна клиничка болница и починал од повредите здобиени при падот од прозорец на болницата, соопштиле неименувани извори за руските медиуми.
Маганов е последниот од низата руски високопрофилирани бизнис-личности кои досега ги загубија животите под сомнителни околности.
Како што пишува Би-би-си, кратко по почетокот на руската инвазија на Украина, нафтената компанија повика на ставање крај на војната.
Бордот на директори на „Лукоил“ на почетокот на март годинава повика што поскоро да му се стави крај на конфликтот во Украина и изрази сочувство до жртвите на оваа трагедија.
Равил Маганов го презеде управувањето со бордот на директори на „Лукоил“ пред две години, а почна да работи за приватната нафтена компанија во 1993 година.
Тој во 2019 година доби награда за животно достигнување и беше одликуван од рускиот претседател Владимир Путин.
Инаку, во мај оваа година поранешниот припадник на високото раководство на „Лукоил“, Александар Суботин, исто така почина, според новинските извештаи, под невообичаени околности.