Тело на 35-годишен маж вчеравечер било пронајднео во надојдените води на реката Теменица во општината Мирна Печ. На телото на починатиот не се констатирани траги на насилство, а истрагата на полицијата треба да потврди дали лицето настрадало како последица на поплавите. Безживотно тело на маж вчера било пронајдено и во септичка јама во областа Мост, во општината Коменда, јавуваат словенечките медиуми. Како што се наведува, лицето паднало во јамата додека ги санирало последиците од поплавите. Според словенечката радиотелевизија, со последните пронајдени тела, бројот на жртви од силните поплави што ја зафатија земјата се искачи на четири лица
Поплавите во Словенија по силното невреме кое во четвртокот ја погоди земјата однесоа уште два човечки животи. Вчеравечер во водите на надојдената река Теменица кај селото Ивања во општина Мирна Печ е пронајдено удавено лице, јавува РТВ Словенија.

Пожарникарите доброволци од Мирна Печ им помогнале на спасувачите при транспортот на починатиот. На телото на лицето не се констатирани траги на насилство, а причината за смртта ќе биде позната откако ќе биде извршена обдукција. Полицијата го утврдила индентитетот на починатиот, од каде што соопштиле дека станува збор за 35-годишен маж од областа Мирна Печ и дека и понатаму се собираат информации за утврдување на околностите за неговата смрт. Истрагата треба да потврди дали тој настрадал како последица на поплавите.
Безживотно тело на маж вчера било пронајдено и во септичка јама во областа Мост, во општината Коменда, јавуваат словенечките медиуми. Како што се наведува, лицето паднало во јамата додека ги санирало последиците од поплавите.
Според словенечката радиотелевизија, со последните пронајдени тела, бројот на жртви од силните поплави што ја зафатија земјата се искачи на четири лица.
Во саботата, пишува РТВ Словенија, во водите на Сава било пронајдено тело на повозрасен маж. Тој живеел во близина на брегот во месноста Томачево и бил однесен во водите на надојдената и излеана река. Претходно во петокот, во месноста Камник беше соопштено за смртта на жена. Медиумите, исто така јавија за двајца настрадани холандски државјани во планините кај Крањ, но деталите околу овој случај засега се нејасни.
Инаку, Словенија веќе четврти ден се бори со поплавите, предизвикани од обилните врнежи од дожд. Протокот на реката Мура стивнува, но водата и понатаму ги поплавува куќите и дворовите.

Словенечкиот премиер, во саботата по состанокот на државниот врв, изјави дека земјата се соочува со најтешката природна катастрофа во поновата историја. Висината на штетите, како што соопшти тој, се проценува дека ќе надмине половина милијарда евра, посочувајќи дека две третини од земјата се зафатени од поплавите.
Пожарникарите интервенирале 57 пати во текот на ноќта – најмногу во Помурје и Корушка. Најголем дел од интервенциите биле на подрачјето на Мурска Собота и Словењ Градец, а на терен излегле пожарникари и во Цеље, Љубљана и Марибор, јавува РТВ Словенија.
Водата покрај реките Мура, Драва и Сава сè уште не e повлечена, а затворени се бројни патишта. Временските услови се нешто подобри, но попладне наместа се очекуваат нови врнежи.
Протокот на Мура кај Горња Радгона се намалува и падна под 1 000 кубни метри во секунда, но има уште многу вода, особено по долниот тек на реката, а опасноста и натаму демне во Сподње Крапје и Мот.
Во Помурје, како што пренесуваат словенечките медиуми, биле ангажирани 1 500 пожарникари и припадници на цивилната одбрана и неколку стотици доброволци. Официјалните лица велат дека насипите мора да стојат барем уште еден ден за да се спречи катастрофа.
Во Словенија без струја се 2 899 домаќинства, најмногу во областа Целје. Во Камник граѓаните се повикуваат рационално да ја користат водата, а дел од нив сè уште немаат струја.
Владата дозволи продавниците за храна, техничка стока и детска опрема да работат во недела и за празници, а дозволено е и продолжено работно време.
Борба со поплави и на северот на Хрватска
Непроспиена ноќ имале и службите за итни интервенции и спасување во Хрватска, кои се бореле со поплавите на северот на земјата и на поширокото подрачје на Загреб, пренесува ХРТ.
Вонредна заштита од поплави е на сила за Драва во Ботово, за Мура во Мурски Средишќе и Горичан и за Сава – во Ругвица и Дубровчак.
Водостојот на реката Мура во Хрватска, од 537 сантиметри, е највисок во историјата и надлежните служби прават сè за да ги заштитат граѓаните и имотот.
Водостојот на реката Сава кај Загреб е во опаѓање, но и натаму има проблеми во делови од нејзиниот тек.
Критично е и во Мурско Средишќе, а проблеми има и во Свети Мартин на Мура, каде што итните служби се обидуваат да ја спречат водата да стигне до куќите.