Дванаесеттемина пациенти до главниот град на соседна Србија се транспортирани со воен авион на српската армија
Уште 12 од повредените во пожарот во Кочани попладнево се испратени на лекување во Белград. До главниот град на соседна Србија се транспортирани со воен авион на српската армија.

Четворица од пациентите се хоспитализирани на Воено-медицинската академија (ВМА). Се работи за три девојки и едно момче кои, според првичните сознанија, се во стабилна состојба. Останатите осум пациенти се пренесени на Универзитетскиот клинички центар во Белград.
Информацијата за МИА ја потврдил доктор Игор Николов, кој е контакт-лице за сите информации поврзани со состојбата на пациентите пренесени на лекување во странство.
Заклучно со овие лица, на лекување во Србија досега се пренесени вкупно 29 од повредените во пожарот.
Покрај во Белград, дополнително тројца од повредените заминуваат на лекување во Атина и по двајца во Виена и Загреб. Тројцата повредени до Атина ќе бидат пренесени со авион Ц-27 на грчкото воено воздухопловство. Според најавите, авионот со медицински персонал на службата за итна помош вечерва ќе полета од атинскиот воен аеродром за Скопје и по преземање на повредените веднаш ќе се врати во Атина.
Во меѓувреме, како што јавува МИА, на Клиниката за токсикологија во Скопје се хоспиталзирани 10 лица кои имаат интоксикација со гасови. Сите пациенти кои беа на лекување во Кочани се префрелени во Скопје. Уште три лица се донесени на опсервација поради вдишување гасови.