Проблемот со затекнатите легализирани објекти треба да се решава на повисоко ниво поради значењето на просторот за државата и Градот Скопје, се наведува во планската документација
Во Музејот на современа уметност завршија јавните презентации на двата предлог-детални урбанистички плана за населбата Кале.
Секторот за урбанизам на Општина Центар, заедно со претставници од планерската куќа која ги изработуваше плановите, на жителите од населбата им ги презентираа измените и придобивките од новите планови.
Од 20 јули до 16 септември, предлог-деталните урбанистички планови за Градска четврт-ЦС 01 Француски гробишта, Тетовска трошарина и Парк 2 и Градска четврт-ЦС 14 Кале и СРЦ Кале се изложени на јавна анкета во читалната „Славко Јаневски“ и до завршувањето на тој рок, граѓаните може да поднесуваат анкетни листови. Поради тоа што е период на летни одмори, јавните анкети траат 41 работен ден, наместо законскиот минимум од 10 работни дена.
Во моментов на територијата на градските четврти ЦС 01 и ЦС 14 има вкупно 7 важечки детални урбанистички планови за поединечни блокови, донесени во 1993, 2002, 2004, 2009, 2010 и два во 2012 година. Некои од нив ги има само во хартиена форма, а територијата на Калето и Музејот на современата уметност досега воопшто не била третирана со детален урбанистички план. Со завршувањето на постапките за овие две градски четврти, ќе се добијат два детални урбанистички плана, кои се дигитални и меѓусебно интегрирани.
„Во просторот меѓу Калето и МСУ бесправно се изградени објекти кои ги нарушуваат вредностите на просторот. Со конзерваторските основи таа зона има режим на заштита од втор степен, а со ГУП на Град Скопје 2012-2022 е предвидено нејзино уредување како парковско зеленило. Проблемот со затекнатите легализирани објекти треба да се решава на повисоко ниво поради значењето на просторот за Републиката и Градот Скопје“,
се наведува во планската документација за Скопската тврдина Кале и Музејот на современа уметност.
Покрај останатите придобивки, на дел од спортско-рекреативниот комплекс „Кале“ во стариот план е предвидена изградба на хотелски комплекс со приземје + 6 ката + поткровје, од кој дел се наоѓа на државно земјиште. Во новиот план на хотелскиот комплекс му е намалена катноста на приземје + 3 ката, а државното земјиште се пренаменува во парковско зеленило на 3 074 квадратни метри.
На местото каде што според стариот план беше предвидена изградба на објект за спорт и рекреација, во новиот план на целата градежна парцела има зеленило, на површина од 15 980 квадратни метри. На местото каде е предвиден хотелски комплекс со приземје и 2 ката со развиена површина од 12 597 квадратни метри, ќе се гради приземен објект со вкупна развиена површина од 5 963.
Јавен паркинг и парковско зеленило на површина од 7 860 м2 се предвидени за реализација во новиот план, на местото на катна гаража со 8 нивоа и развиена површина од 58 816 квадратни метри, а на местото каде претходно беше вцртан објект со категорија В4 – државни институции, ќе никне првата детска градинка во населбата „Кале“, на приземје и 1 кат, со развиена површина од 565 квадратни метри.
Плановите ќе бидат изложени во читалната „Славко Јаневски“ до 16 септември, период во кој граѓаните ќе можат пополнетите анкетни листови да ги доставуваат до општината.