Најмалку две лица загинаа, причинета е огромна материјална штета, а десетици илјади домаќинства и натаму се без струја. Причина за ова е ураганот кој во Германија е познат по името Сабина, а во останатиот дел од Европа како Кјара. Тој од Британија се пресели на континентот и преку Франција стаса дури до Полска и Словенија.
Во најсеверната држава на Балканот настрада возач на автопатот Дравоград-Марибор. Врз неговиот автомобил од силниот ветар се урнало стебло. Поради силниот ветер, словенечките власти прогласија портокалов аларм.
Второто загинато лице е рибар од Шведска. Се трага по неговиот сопатник во чамецот кој поради силните ветрови се превртел на езерото Свенлунг.
Метеоролошките служби предупредуваат на високи водостои на морските брегови во скандинавските држави.
Орканската бура буквално ја парализира Германија, затворени се автопати, застанат е железничкиот превоз, а илјадници домаќинства се без струја.
Во покраините Баден Вуртемберг и Баварија е прогласен највисок степен на опасност. Во Бремен и во Хамбург е издадена мерка за опасност од поплави бидејќи нивото на водата вдолж балтичкиот брег е повисок за два метра од просекот.
Во Северна Рајна Вестфалија, како и во покраината Хесен, денеска немаше настава во училиштата.