„Ќе почекаме да го добиеме образложението од судот за да ги видиме причините поради кои е одбиена тужбата. Кога ќе го согледаме тоа, секако дека ќе го искористиме правото на жалба до Вишиот управен суд“, вели адвокатот Ќатоски
Исто така, судот го одби како неоснован и предлогот со кој Савесвки бара привремена мерка – суспендирање на одлуката за избор на директорка
Ирина Трајкоска-Стрезоски останува да биде директор на Академијата за судии и јавни обвинители откако денеска Управниот суд ја одби како неоснована тужбата од судијата во Основниот кривичен суд Скопје Ненад Савески.
Не сакајќи директно да влијае на постапката, во име на Судијата Савески, тужбата против одлуката за именување директор на Академија за судии и јавни обвинители ја поднесе полномошникот Глигорие Ќатоски, адвокат од Струга, а се однесуваше на начинот на кој Управниот одбор на институцијата изврши избор на нов шеф.
Одлуката, како што рече судијката во Управниот суд, Ана Герасимовска, е донесена врз основа на спроведената доказна постапка и по советување и гласање.
Исто така, судот го одби како неоснован и предлогот со кој Савесвки бараше привремена мерка – суспендирање на одлуката за избор на директорка.
На соопштувањето на денешната одлука минатата недела ѝ претходеше рочиштето на кое беше одбиено барањето на Ќатоски на јавната расправа да се изведе репродукција на видео и аудиоснимка од седница на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО) и заеднички да се споредуваат со писмените известоци што се доставени од АСЈО.
Исто така, судот го одби и барањето на тужителот Академијата да му достави примерок од аудио и видеоснимка.
Денеска на соопштувањето на одлуката не беше присутен адвокатот Ќатоски, а од страна на тужените, Академијата за судии и јавни обвинители, беа само дел од полномошниците.
„360 степени“ побара коментар од адвокатот Ќатоски кој рече дека се незадоволни од денешната одлука.
„Ќе почекаме да го добиеме образложението од судот за да ги видиме причините поради кои е одбиена тужбата. Кога ќе го согледаме тоа секако дека ќе го искористиме правото на жалба до Виш управен суд“,
рече Ќатоски.
На минатонеделното судење Ќатоски во образложението рече дека на седницата на Управниот одбор треба да има јавно гласање, а не само седницата да биде јавна со тоа што на неа ќе присуствуваат медиуми и ќе биде пренесувана.
По завршување на рочиштето, адвокатот рече оти очекува одлучувањето на судот да биде согласно закон, објективно, непристрасно и додава дека е задоволен од тоа како течело судењето.
Во образложението што го дадоа полномошниците на Академијата за судии и јавни обвинители рекоа дека наводите во тужбата се неосновани затоа што гласањето било јавно велејќи оти поединечното и поименично гласање не е никаде наведено.
Инаку, „360 степени“ веќе пишуваше за тужбата на судијата Ненад Савески, која е поднесена од полномошникот Глигорие Ќатоски, како и за основата на тужбата.
Директорката Ирина Трајкоска-Стрезоски беше избрана на седница на Управниот одбор кога таа имаше еден глас повеќе од противкандидатот Савески. Гласањето за нов директор, за разлика од минатиот избор во 2022 година, кога секој член на Управниот одбор јавно кажа за кого и зошто гласа, на последниот избор го немаше.
„360 степени“ побара мислење од новата директорка која рече дека при нејзиниот избор Управниот одбор постапил во рамките на законските и подзаконските акти.
По гласањето за Трајкоска-Стрезоски, од Државната комисија за спречување корупција рекоа дека според нив изборот не е направен согласно законската регулатива.