Поради изнесувањето на невистини на официјалните јавни гласила на ЈСП „Скопје“ и проследувањето на истите невистини до медиумите во државата, било побарано јавно извинување од в.д. директорот до членовите на УО, а бидејќи директорот одбил да го направи тоа дел од членовите на Управниот одбор поднеле тужба до Основниот граѓански суд во Скопје

Дел од членовите на Управниот одбор на ЈСП „Скопје“ поднесоа тужба до Основниот граѓански суд во Скопје против претпријатието и в.д. директорот на ЈСП „Скопје“, Александар Стојковски, за јавно изречена навреда и клевета.
„На 20.10.2022 год. по налог на в.д. директорот на ЈСП на официјалната веб-страница и на фејсбук-страницата на ЈСП ‘Скопје’ објавен е идентичен текст во кој Управниот одбор на ЈСП ‘Скопје’ неправедно се инволвира како еден од организаторите на штрајкот на синдикатите кој се случуваше истиот ден и дека членовите на УО ќе бидат дел од кривична пријава поради незаконско организирање штрајк и попречување на работата на претпријатието“,
се наведува во соопштението од Управниот одбор на ЈСП „Скопје“.
Оттаму додаваат дека поради изнесувањето на невистини на официјалните јавни гласила на ЈСП „Скопје“ и проследувањето на истите невистини до медиумите во државата, било побарано јавно извинување од в.д. директорот до членовите на УО.
„Од причина што в.д. директорот на ЈСП одби да му се извини на Управниот одбор, дел од членовите одлучија правдата да ја бараат пред надлежните судови во нашата држава, односно доставија тужба против в.д. директорот на ЈСП за клевета. Поради изнесени невистинити факти и тврдења директно е нанесена штета на честа и угледот на членовите на УО на ЈСП“,
се додава во соопштението.
Целта на ваквото однесување од страна на в.д. директорот, додаваат од Управниот одбор, била да се префрли вината за настанатата ситуација на Управниот одбор на ЈСП, а со тоа и да се дискредитираат како личности и професионалци во својата работа.
Иако во писменото известување, не се наведени членовите на УО по име и презиме, сепак, нивниот идентитет е очевиден со оглед дека на веб-страницата на ЈСП, во делот раководна структура, се јавно објавени податоците за сите членови на Управниот одбор, што подразбира дека таквите податоци се јавно достапни за целата јавност.