Според претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски, вработените во јавните обвинителства ќе стапат во штрајк на 27 септември, а наредниот ден, како што најави, и вработените во сите судови во државата ќе протестираат пред Министерството за правда и пред Владата. И едните и другите ќе бараат зголемување на платите во ист износ како и именуваните функционери, односно за 78 отсто, како и враќање на додатоците на плата кои им се загарантирани со закон, а не им се исплаќаат веќе половина година
Вработените во јавните обвинителства и судовите во државата следната недела излегуваат на штрајк незадоволни од разликата во платите на вработените во јавниот сектор и функционерите, соопшти денеска на прес-конференција претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудството и здруженијата на граѓани – УПОЗ, Трпе Деаноски.
Според Деаноски, јавните обвинителства ќе стапат во штрајк на 27 септември, а наредниот ден, како што најави, и вработените во сите судови во државата ќе протестираат пред Министерството за правда и пред Владата, пренесува МИА.
И едните и другите ќе бараат зголемување на платите во ист износ како и именуваните функционери, односно за 78 отсто, како и враќање на додатоците на плата кои им се загарантирани со закон, а не им се исплаќаат веќе половина година.
„Штрајкот во обвинителствата ќе трае се до исполнување на барањата на вработените, а за време на штрајкот ќе се работат само итните и неодложни работи како што е пропишано со закон“,
рече Деаноски посочувајќи дека 95 отсто од вработените во правосудството и државната управа земаат помалку од просечната плата во државата.
Синдикатот на УПОЗ, како што посочи тој, денеска испратил во Собранието амандман на предложениот ребаланс на буџетот со барање за овие институции, како и за сите други корисници на буџетот, да се предвиди дополнително зголемување на платите од најмалку 30, а најмногу 78 проценти т.е. за онолку за колку што функционерите си ги зголемиле своите плати.
„Проблемите во судовите и обвинителствата се таложат со години наназад, а кулминираа со зголемување на платите на функционерите. До пред март годинава разликата на платите меѓу вработените и функционерите беше од еден спрема два до еден спрема три, а сега разликата е еден спрема шест до еден спрема седум. Ваквата состојба е неодржлива“,
рече претседателот на Синдикатот на УПОЗ.
Според Деаноски, огромно незадоволство има и во другите институции на државната управа и дека под закана со штрајк и прекин на работата се и вработените во државното Правобранителство , Управата за заштита на културно наследство и во Фондот за здравствено осигурување.
„Апелираме до надлежните да нѐ викнат на преговори, да не нѐ игнорираат како што тоа го прави министерот за правда со кого немаме ни еден состанок од неговото назначување до сега. Се надеваме дека со преговори ќе ги решиме проблемите. Во спротивно, штрајковите и протестите само ќе се интензивираат“,
рече претседателот на УПОЗ.
На прес-конференција говореше и претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов. Тој апелираше до пратениците во Собранието што побргу и без политичка битка да го изгласаат ребалансот на буџетот, со што треба да се прераспределат финансии за покачувањето од 10 отсто за вработените во јавниот сектор со септемвриската плата.
Претстојното покачување од 10 проценти за вработените во јавниот сектор е согласно Општиот колективен договор кој ССМ го потпиша со Владата во јули годинава.
Терндафилов на прес-конференцијата ги повика министрите, градоначалниците и директорите на на институции да го применат Општиот колективен договор за јавниот сектор. Имено, како што кажа тој, до Синдикатот стигнале пријави од вработени дека нивните раководители не преземаат ништо во врска со одредбата за зголемување на платите за дополнителните 10 отсто.
„Да изготват решение за секој вработен во јавниот сектор со кој ќе го утврдат ова право и на таков начин ќе го исплатат или, пак, да склучат колективни договори на ниво на работодавачи, нешто што правиме во изминатиот период како синдикати здружени во ССМ“,
рече Трендафилов.
Тој рече и дека сè уште немаат одговор од пратениците во врска со иницијативата што ССМ ја поднесе пред повеќе од еден месец за намалување на платите на судиите и именуваните функционери кои беа зголемени за 78 отсто.
Со иницијативата се бара измена на Законот за плати на избрани и именувани функционери односно примена на Општиот колективен договор со кој и функционерите и вработените ќе имаат ист начин на пресметка на плата, почнувајќи од март 2025 година. Ова било преговарано и пред потпишувањето на Општиот колективен договор и тогаш, како што велат од ССМ, било прифатено , но од јули навака функционерите останале глуви на ова барање.
„Глуви се, немаат храброст да не исконтактираат ниту да не прашаат за причината за поднесената иницијатива. ССМ ја поднесе затоа што и додека преговараше за ОКД го кажувавме тоа што го кажуваме и денес – вработените нема да бидат задоволни со зголемувањето од 10 проценти на нивните плати ако функционерите незаслужено, без никаква зголемена продуктивност откако си ги зголемија платите, ги уживаат придобивките од срамната одлука на Уставниот суд… Со вакво селективно покачување, државата е за едни е мајка, а за други маќеа“,
рече претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов.