Министерот за образование и наука Јетон Шаќири повика денешниот протест на вработените при УКИМ да биде предупредување, а не закана за неодржување на јунската испитна сесија. Тој апелираше да не се наруши претстојната испитна сесија и да не им се наштети на студентите, а покачување на платите, како што рече, ќе има од септември со носењето на ребалансот на Буџетот
Сојузот на синдикати при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) ги повика сите вработени, вклучувајќи го и наставниот и ненаставниот кадар при универзитетот, со предупредувачки протест пред Ректоратот денеска да го изразат своето незадоволство поради непокачените плати и непотпишувањето колективен договор.
„Заеднички да го изразиме револтот и незадоволството од игнорантскиот однос на надлежните органи кон Универзитетот и непотпишување на колективниот договор на УКИМ за остварување на нашите барања за покачување на платите“,
се вели во соопштението на Сојузот на синдикати на скопскиот универзитет, кој предлогот за мирен протест го усвоил на седница одржана на 27 мај.
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири, пак, повика протестот да биде предупредување, а не закана за неодржување на јунската испитна сесија. Тој апелираше да не се наруши претстојната испитна сесија и да не им се наштети на студентите, а покачување на платите, како што рече, ќе има од септември со носењето на ребалансот на Буџетот.
„Во ребалансот на Буџетот, и од претходната министерка има почнато постапка, предвидени се средства за повисоки плати и во високото образование. Тие најавија дека ќе имаат мирен протест првиот ден, потоа очекувам, идната недела, да имаме состанок за да видиме пред јунската сесија да немаат последици студентите и да има разбирање за овој процес“,
рече Шаќири вчера на настан во ОУ „26 Јули“ во Шуто Оризари.
Министерот нагласи дека како што МОН имаше социјален дијалог со синдикалните претставници од основно и средно образование, така очекува да биде и со синдикатот за високо образование, додавајќи оти е отворен за соработка.
На прашањето што доколку протестот во високото образование прерасне во штрајк или бојкот на јунската сесија за полагање на испитите, првиот човек на МОН одговори дека како и за штрајкот во училиштата, е против закани за прекин на наставата.
„И ова не го гледам како добра постапка на Синдикатот затоа што никогаш, ни од мене, ниту од Владата, не е кажано дека нема да има разговори и прекин на разговори и дека нема да имаат подобри услови. И во преговорите со СОНК баравме разбирање заради некои економски показатели кои не беа и не зависеа само од образованието, туку и од економските движења кои не се само во нашата земја, туку и во регионот и подалеку. Така што, ако ова се закани, нека бидат предупредување, нека се реализира испитната сесија“,
апелираше Шаќири.
Инаку претходно, по низа состаноци и неколкунеделен штрајк на вработените при основните и средните училишта ширум земјава, Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) и Министерствата за труд и социјална политика (МТСП) и образование и наука (МОН) постигнаа договор за 15-процентно покачување на платите на вработените во образовниот и секторот за детска заштита кое ќе го добијат од септември. Договорија и потпишување колективни договори и исплата на дневниците за време на штрајкот во образовните и установите за детска заштита.