Премиерот Ковачевски истакна дека го видел писмото што му беше испратено од универзитетските професори, а во кое тие бараат покачување на платите и потпишување колективен договор и додаде дека покачување на платите ќе има бидејќи тоа се планира и со ребалансот на буџетот
Претходно професорите при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ) објавија дека ќе испратат отворено писмо до премиерот Ковачевски за зголемување на платите и потпишување колективен договор, а дека ќе излезат и на предупредувачки протест
Покачувањето на платите на универзитетските професори од септември е веќе планирано во буџетот, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски и додаде дека тоа се планира и со ребалансот на буџетот.
Одговарајќи на новинарско прашање по одбележувањето на 65-годишнината од пуштањето во употреба на хидросистемот „Вруток“, Ковачевски истакна дека го видел писмото кое универзитетските професори го имаат пратено и додаде дека меѓусебно контактираат зашто, како што рече, и тој е универзитетски професор.
„Точно е дека во целиот образовен сектор треба да се покачат платите и ако го погледнете буџетот тој од година во година се зголемува во однос на платите во високото образование, меѓутоа, и инвестициите што се прават и средствата што се определуваат за образование и наука“,
рече Ковачевски.
Ковачевски, меѓутоа, посочи и дека треба да бидеме свесни оти во земјата имаме повеќе државни универзитети, а оти во моментов се наоѓаме во време на голема економска криза.
„Верувам дека со професорите, со универзитетските професори ќе се изнајде решение бидејќи веќе во буџетот има планирано средства за зголемување на платите“,
додаде премиерот.
Претходно, професорите при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ) објавија дека ќе испратат отворено писмо до премиерот Ковачевски за зголемување на платите и носење на колективен договор, а дека ќе излезат и на предупредувачки протест.