Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска не беше во Министерството за здравство во чија непосредна близина протестираше опозицијата, но во изјава при неговата посета во Кочани им порача дека се однесуваат непримерно и го омаловажуваат трудот на здравствените работници
Под мотото „Здравјето не е статистика, жените против неправдите“, Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ денеска организираше протест пред Министерството за здравство и побара оставка од министерот за здравство Венко Филипче, но и од целата Владата.
Справувањето со пандемијата и третманот на трудниците, како што беше случајот со родилката чии матка, јајник и бубрег беа извадени, преовладуваа во наративот на протестот.
„Бројките во нашата држава се немилосрдни и најголеми во цел свет. Најмногу заразени и мртви, а најмалку заштитени и вакцинирани. Затоа вре прашувам дали треба да сме неми набљудувачи на се ова што ни се случува? Жената никогаш досега не била поранлива и толку незаштитена. Соочени сме со можеби најголемиот предизвик досега, со короната, но и со најголема дискриминација на жените по сите основи. Пандемијата е катастрофална по женските права бидејќи кога имавме вонредна состојба, најголем дел од нас жените останаа дома да се грижат за домот и семејството, многу жени останаа без работа, а жените во приватниот сектор, цело време одеа на работа“,
рече Жаклина Пешевска, претседателка на Унијата на жени.
Најмногу изложени на ризик, потенцираше таа, беа здравствените работници бидејќи, како што обвини, уште на почетокот се соочиле со недостаток на заштитна опрема. Како проблеми таа ги посочи и недостатокот на клексан и немањето доволно термини за тестирања.
„Како жена сериозно сум загрижена за стравот кој се јавува кај жените трудници, но и кај оние жени и девојки кои во иднина би требало да се реализираат како мајки. По еден голем скандал кој се случи во Македонија, неприфатливо е во 21. век, кога технологијата секојдневно напредува во светот, ние во Македонија да се соочиме со случај да на една жена трудница и биде уништено репродуктивното здравје“,
рече Пешевска.
Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска не беше во Министерството за здравство во чија непосредна близина протестираше опозицијата, но во изјава при неговата посета во Кочани им порача дека се однесуваат непримерно и го омаловажуваат трудот на здравствените работници.
„Го гледаме однесувањето на опозицијата, едно непримерно однесување кое е за голема осуда. Собрани, протестираат, викаат со транспаренти во моменти кога се соочуваме со најголемата криза во историјата на човештвото, во нашата земја, посебно во делот на здравство тие го омаловажуваат и се потсмеваат со трудот на здравствените работници кои деноноќно работат. Овој начин на однесување којшто е срамен – блокади на сето тоа што го правиме во изминатиот период за жал морам да констатирам продолжува и сега“,
рече Филипче.
Министерот одговараше и на новинарски прашања во врска со родилката од Дебар, на која во Струга при породувањето ѝ беа извадени три органи. И за овој случај и за разрешениот директор Мухамед Асани, кој бил дел од породувањето, но и кај кој беше откриена домашна дива ординација, Филипче истакна дека работат сите институции коишто треба да се вклучени за расчистување на случаите.
Тој рече дека ова одлука за разрешување е донесена врз основа на сите досегашни случувања, посочувајќи дека ги чекаат резултатите и од другите институции, па ќе видат како ќе постапат понатаму во однос на лиценцата на докторот.
„Сега е сменет директорот. Нов директор на струшката болница е доктор Арслани, поранешниот заменик-министер за здравство. Уште трае стручниот надзор од страна на Министерството за здравство, но исто така и она што е продолжение на активноста на Државниот здравствен санитарен инспекторат“,
рече Филипче.