Пред десетина дена пловдивската публика со долготраен аплауз ја поздрави изведбата на Националната опера и балет (НОБ) на Северна Македонија на балетската претстава „Госпоѓиците од Авињон“. Настапот на 7 февруари во Пловдив го следеше и амбасадорката на Северна Македонија во Бугарија, Агнеза Руси Поповска, која по тој повод на Твитер напиша: „Културата поврзува и лекува“
По успешниот настап на Националната опера и балет во бугарскиот град Пловдив на 7 февруари со балетската претстава „Госпоѓиците од Авињон“, Државната опера од Пловдив в петок ќе се претстави пред македонската публика во Националната опера и балет (НОБ) со балетските едночинки „Долгата божиќна вечера“ и „Жени во Д-мол“, соопшти НОБ.

Гостувањето на НОБ во Пловдив и најавениот настап на нивните колеги в петок се случуваат во време на зголемени тензии меѓу двете држави, кои особено се заострија по нападот врз секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, Христијан Пендиков, чествувањето на роденденот на Гоце Делчев на 4 февруари и каменувањето на македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград.
Како што се наведува во денешното соопштение од НОБ, балетските едночинки „Долгата божиќна вечера“ и „Жени во Д-мол“ се од меѓународно признатиот водечки современ кореограф Раду Поклитару. „Долгата божиќна вечера“ e според истоимената драма на Торнтон Вајлдер и музика на Вивалди, а „Жени во Д-мол“ од Бах, е инспирирана од „Куќата на Бернарда Алба“ од Лорка.
Сценограф на балетските точки е Андреј Злобин, костимограф е Дмитро Курјата, а светло-дизајнот е Лена Антохина.
Раду Поклитару е основач и главен кореограф на Киевскиот академски театар за модерен балет, почесен уметник на културата на Украина, Народен уметник на Молдавија, добитник на бројни европски меѓународни награди, професор на Катедрата за модерна кореографија на Националниот универзитет за култура и уметности во Киев. Покрај десетици претстави во Киевскиот модерен балет, низ годините поставува балетски продукции во театарот Бољшој, театарот Марински, Националните опери на Украина, Молдавија, Латвија, Белорусија, Чешка, Србија итн. Раду Поклитару од почетокот на годинава е дел од тимот на Државната Опера Пловдив.
„`Долгата божиќна вечера` е балет-рефлексија за минливоста на животот, за суетните и бескорисни нешта со кои ги исполнуваме драгоцените минути, часови и години од нашиот престој на Земјата. Продукцијата следи деведесет години од животот на едно аристократско семејство, минувајќи во серија божиќни вечери. Празник по празник, судбините на луѓето се раствораат во заборав како еднодневни пеперутки, не оставајќи ништо зад себе. Светлата, гротескна кореографија на музиката на Вивалди успева да допре до срцето на секој гледач и без морализирање, да го постави прашањето – по што се разликуваме од сценските ликови? Претставата „Долгата божиќна вечера“ на американскиот драматург Торнтон Вајлдер, добитник на Пулицерова награда, продолжува да биде на репертоарот на голем број драмски театри во Европа и САД, по неа е снимен филм и опера“,
се наведува во соопштението од Националната опера и балет за гостувањето на Дражвната опера од Пловдив.
За „Жени во Д-Мол“ се посочува дека е изведба проткаена со почит кон генијалноста на Јохан Себастијан Бах. Раду Поклитару, велат од НОБ раскажува трагична приказна за непостоечко женско пријателство, кое служи само како изговор за расплетот на невообичаено сложени повеќефигурни композиции и продорни дуетни фрагменти.
Пред десетина дена пловдивската публика со долготраен аплауз ја поздрави изведбата на Националната опера и балет (НОБ) на Северна Македонија на балетската претстава „Госпоѓиците од Авињон“.
Настапот на 7 февруари во Пловдив го следеше и амбасадорката на Северна Македонија во Бугарија, Агнеза Руси Поповска.
„Културата поврзува и лекува! Импресивна модерна балетска претстава на НОБ на Северна Македонија синоќа во Пловдив со ’Госпоѓиците од Авињон‘, поддржана од бугарското Министерство за култура и топло прифатена од пловдивската публика“, напиша по тој повод амбасадорката на Твитер.