Скопскиот градоначалник вели дека не се занимавал само со имиња на улици, како што го обвинува опозицијата, туку дека реконструирал и булевари
Улицата на која живее скопскиот градоначалник Петре Шилегов во скопската населба Тафталиџе, во општина Карпош, повторно ќе се вика „Мексичка“, наместо „Петре Пирузе“. Сепак, Шилегов, во вечерашното гостување на Сител, не исклучи можност некоја друга улица во градот да се вика по учесникот во НОВ Петре Пирузе, за кого рече дека му е колега – адвокат и дека заслужува улица што ќе го носи неговото име.
Тука не се работи за тоа дали некој заслужува улица со негово име, туку во прашање е традиција. Градот е традиција, имињата на улиците се традиција. Зошто да се брише споменот на хуманоста на Мексико, кога мојата улица со години наназад се вика „Мексичка“. Не може улица што сите ја знаат како „Ленинова“ наеднаш да стане „Аминта Трети“, не може улицата што сите ја знаат како „Железничка“ да се вика „Јордан Мијалков…“,
изјави Шилегов.
За обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека со промената на имињата на улиците се прави идентитетски геноцид, Шилегов рече дека пред десет години, кога се менуваа имињата на улиците, никој не ги праша скопјани дали се согласуваат со тоа.
Скопскиот градоначалник наброи повеќе булевари што се реконструирани за време на негивиот мандат (2017-2021),како аргумент дека не се занимавал само со имињата на улиците, според обвинувањата на опозицијата.
Шилегов смета дека ќе добие поддршка од СДСМ за нова кандидатура за градоначалник на годинешниве локални избори, затоа што, како што рече, скопјани знаат што се е направено за градот во изминатите три и пол години.