Како што наведува „Гардијан“, тврдењата на украинската компанија „Енергоатом“ засега не се потврдени од независни страни. Русија и Украина досега повеќепати меѓусебно се обвинија за гранатирање на нуклеарната централа Запорожје, која се наоѓа во еден од украинските региони што Русија ги анектира и ги прогласи за дел од својата територија
Украинската државна компанија „Енергоатом“, која управува со нуклеарната централа Запорожје, денеска ги обвини руските сили, под чија контрола е централата, дека запреле и не дозволуваат да помине конвој возила на компанијата што превезувал дизел-гориво потребен за генераторите на нуклеарната централа, пренесува британски „Гардијан“.

„Утринава, 12 октомври во 8:59 часот, како резултат на ракетниот напад од страна на руските сили, беше оштетена трафостаницата ‘Днипровска’ во областа Днепропетровск. Како резултат на тоа, 750-киловолтната комуникациска линија на нуклеарна централа Запорожје беше отворена. Како резултат на тоа, нуклеарната централа Запорожје беше целосно исклучен од енергија. Дизел-генераторите се вклучија автоматски“,
стои во соопштението на „Енергоатом“ објавено на Телеграм.
Од компанијата велат дека подготвиле и испратиле уште една пратка дизел-гориво во централата, но од 10 часот руската страна не дозволува колоната возила на компанијата да поминат.
„Руското гранатирање и оштетувањето на енергетската инфраструктура поврзано со работата на нуклеарните централи е истата манифестација на нуклеарен тероризам како директното гранатирање на нуклеарната централа Запорожје и води кон закана од радиоактивна хаварија. Окупаторите продолжуваат да ја занемаруваат нуклеарната и радијациската безбедност на најголемата нуклеарна централа во Европа заканувајќи му се на светот со радијциска катастрофа“,
тврдат од Енергоатом.
Како што наведува „Гардијан“, тврдењата на украинската компанија засега не се потврдени од независни страни. Русија и Украина досега повеќепати меѓусебно се обвинија за гранатирање на нуклеарната централа Запорожје, која се наоѓа во еден од украинските региони што Русија ги анектира и ги прогласи за дел од својата територија.
Пред десетина дена украинските власти соопштија дека руските сили го уапсиле извршниот директор на украинската нуклеарна централа Запорожје и го оценија како чин на руски терор.
Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) соопшти дека Русија го потврдила потегот.
Шефот на МААЕ повика на ослободување на извршниот директор велејќи дека неговото притворање претставува закана за безбедноста.
Меѓународната агенција за атомска енергија пред еден месец испрати свој тим во нуклеарната централа Запорожје, кој по извршените проверки во извештајот наведе дека ситуацијата во централата е комплицирана и дека се потребни итни мерки за да се спречи нуклеарна катастрофа.
Директорот на Меѓународната агенција за нуклеарна енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, тогаш изјави дека состојбата во комплексот е многу загрижувачка и предупреди дека „си играме со оган“.
Инаку, регионот Запорожје и уште неколку други украински градови, меѓу кои и главниот град Киев изминативе три дена се цел на жестоки ракетни напади од страна Русија, во кои животите ги загубија десетици лица, а беше оштетен и дел од цивилната инфраструктура во земјата.