Информациите велат дека тој бил заробен во регионот Курск чиј дел се најде под украинска окупација по ненадејната офанзива што пред неколку месеци ја спроведоа нејзините сили
Украинските сили заробиле ранет севернокорејски војник, кој бил дел од трупите што Пјонгјанг ги испрати како помош за руските сили во војната со Украина.

Информацијата ја објави јужнокорејската новинска агенција Јонхап, пренесувајќи кратка изјава на Националната разузнавачка служба на земјата, во која се наведува дека севернокорејскиот војник бил уапсен од украинските сили за специјални операции.
Станува збор за прв ваков случај откако Северна Кореја испрати дел од своите трупи за да ѝ помогнат на Русија во нејзините воени напори.
„Преку размена на информации во реално време со разузнавачката организација на пријателска нација, (ние) потврдивме заробување на ранет севернокорејски војник и планираме темелно да ги истражиме следните случувања“,
се вели во соопштението на јужнокорејската разузнавачка служба.
Извештајот доаѓа еден ден откако украинскиот медиум Милитарњи објави дека украинските сили за специјални операции заробиле војник за кој се верува дека е севернокорејски борец во рускиот регион Курск.
Дополнително на платформата Телеграм беше објавена фотографија од заробен војник, со наводи дека е ранет. Сепак, веродостојноста на фотографијата засега не е независно потврдена.
Исто така, како што пренесуваат медиумите, не е се познати ниту детали за статусот и состојбата на заробениот војник.
Информации велат дека тој бил заробен во регионот Курск чиј дел се најде под украинска окупација по ненадејната офанзива што пред неколку месеци ја спроведоа нејзините сили.
Во регионот во тек се борби меѓу украинските и руските сили кои се обидуваат да го вратот регионот под целосна контрола.
Во меѓувреме, односно минатиот месец, Пјонгјанг го ратификуваше договорот за сеопфатно стратегиско партнерство со Русија, што го отвори патот за испраќање на севернокорејски војници да се борат на руска територија против Украина.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 23 декември изјави дека повеќе од 3 000 или околу една четвртина од севернокорејските специјални сили испратени во Русија биле убиени или повредени, иако, како што кажа, станува збор за прелиминарни информации.
Националната разузнавачка служба на Јужна Кореја претходно на 19 декември, исто така, објави бројка на загинати севернокорејски војници, која е помала од онаа што ја соопшти Зеленски. Според јужнокорејското разузнавање, во борбите на руска територија се убиени или ранети околу 1 100 припадници на севернокорејските специјални сили.
Севернокорејската воена поддршка доаѓа во критичен момент од војната во Украина. Русија се обидува да ја совлада украинската пешадија, соочувајќи се со недостаток на човечки потенцијал и недоволно ресурси.
Според податоците што во октомври ги објави Пентагон, Русија загубила повеќе од 600 000 војници во речиси тригодишната војна со Украина и потрошила толку многу воен материјал што сега се борат да ги надополнат своите потреби од артилерија и ракетни средства во услови на огромни западни санкции.
Сега, речиси две третини од минофрлачите и гранатите што Русија ги користи во нападите на Украина доаѓаат од Северна Кореја, објави „Волстрит журнал“ цитирајќи го офицерот на украинската армија, додека според украинските власти секоја трета балистичка ракета е направена во Северна Кореја.