Чеченскиот лидер Рамзан Кадиров, верен сојузник на Кремљ, изјавил дека Русија би требало како одговор да ја разгледа можноста од употреба на нуклеарно оружје со низок интензитет
Жестоките борби околу Лиман можат да и нанесат значаен воен неуспех на Русија во еден од регионите кој Москва незаконски го прогласи за своја територија
Руското министерство за одбрана денеска соопшти дека ги повлекува своите трупи од стратешки важниот град Лиман на истокот на Украина по контраофанзивата на Киев, што претставува голем удар за рускиот претседател, Владимир Путин, а доаѓа на само еден ден од анектирањето на Донецк и уште три украински области, пренесува украинскиот сервис на Радио Слободна Европа.

„Сојузничките сили се повлечени од Лиман на поповолни линии поради закана од опколување“,
соопштило руското министерство за одбрана.
Чеченскиот лидер Рамзан Кадиров, верен сојузник на Кремљ, изјавил дека Русија би требало како одговор да ја разгледа можноста од употреба на нуклеарно оружје со низок интензитет.
„По мое лично мислење, треба да се преземат драстични мерки. Се до прогласување на воена состојба во пограничните области и употреба на нуклеарно оружје со низок интензитет“,
напишал Кадиров на Телеграм во објава во која измевал еден од руските генерали.
Непосредно пред најавата за руското повлекување, украинското министерство за одбрана соопшти дека нивните сили влегле во Лиман, клучен железнички јазол, кој последните неколку дена беше цел на контраофанзивата на Киев.
„Украинските воздухопловно-јуришни сили влегуваат во Лиман, регион на Донецк“,
наведе денеска украинското министерство за одбрана на Твитер.
На снимката се прикажани двајца војници како го креваат украинското знаме во близина на знакот со името на градот.
„Го развејуваме нашето државно знаме и го поставуваме на наша земја. Лиман повторно ќе биде Украина“,
вели еден од војниците на снимката.
Ukrainian Air Assault Forces are entering Lyman, Donetsk region. #UAarmy has and will always have the decisive vote in today’s and any future “referendums”. pic.twitter.com/gGIIk9rNkG
— Defense of Ukraine (@DefenceU) October 1, 2022
Портпаролот на украинските источни сили, Сергиј Череватиј изјавил дека според проценките бројот на опколени руски војници е околу 5 000, додавајќи дека руските сили и понатаму се обидуваат да се пробијат од обрачот.
Жестоките борби околу Лиман можат да и нанесат значаен воен неуспех на Русија во еден од регионите кој Москва незаконски го прогласи за своја територија.
Москва го користеше Лиман како логистичко средиште за операциите во северниот дел на регионот Донецк. Неговиот пад би бил голем неуспех за руските сили откако украинската контраофанзива минатиот месец ги натера руските трупи да се повлечат во регионот на Харков.
Според Череватиј ослободувањето на Лиман би им овозможил на украинските сили да се пробијат во регионот Луганск.
„Психолошки – тоа е многу важно“,
изјавил Череватиј.
Рускиот претседател, Владимир Путин вчера ги потпиша документите за соединување на самопрогласените народни републики Донецк, Луганск и Херсонската и Запорошката област со Русија. Покрај Путин, документите ги потпишаа и проруските лидери на овие региони инсталирани од Москва.
Со овој чин, Москва сега ќе го третира секој напад на овие територии како напад на суверенитетот и територијалниот интегритет на Руската Федерација.