Украинската национална енергетска компанија „Укренерго“ потврди дека во земјата ќе има рестрикции на струјата и ги повика Украинците на разбирање и поддршка за ситуацијата. Оттаму посочија дека денеска во цела Украина ќе се воведат мерки за ограничување на потрошувачката на струја од 7 до 22 часот
Руските ракетни напади што уништија дел од украинските централи за производство на електрична енергија доведоа Украина денеска по првпат да воведе рестрикции на струјата низ целата држава.
„На 20 октомври 2022 година ќе бидат воведени ограничувања за снабдување со електрична енергија низ цела Украина. Непријателот повторно уништи капацитети за производство на енергија. Ве молиме, сфатете го ова сериозно“,
се наведува во вчерашната објавата на Кирило Тимошенко, заменик-шеф на канцеларијата на Зеленски, на Телеграм.
Според неговата објава, снабдувањето со електрична енергија ќе биде ограничено од седум часот наутро до 22 часот навечер. Ќе биде ограничено и уличното осветлување.
„Почнувајќи од 7 до 22 часот, неопходно е да се минимизира употребата на електрична енергија. Ова се однесува на жителите на сите региони во земјата. Ако ова не е направено, треба да се подготвите за привремено исклучување. Исто така, во градовите ќе биде ограничено користењето на уличното осветлување“,
додава Тимошенко во објавата на Телеграм.
Украинската национална енергетска компанија „Укренерго“ потврди дека во земјата ќе има рестрикции на струјата, повиквајќи ги Украинците на разбирање и поддршка за ситуацијата.
Оттаму посочија дека денеска низ цела Украина ќе се применуваат мерки за ограничување на потрошувачката на струја од 7 до 22 часот. Прекините на струја, како што информираат оттаму, ќе бидат наизменични, но не повеќе од четири часа.
„Причината за ограничувањата е недостаток на струја во системот. Не ја исклучуваме можноста дека со студеното време почесто ќе ја бараме вашата помош“,
се посочува во објавата на компанијата на Фејсбук.
Во синоќешното видеообраќање до јавноста, украинскиот претседател Володимир Зеленски истакна дека во последните 24 часа биле уништени три енергетски објекти во земјата.