Инспекторите откриле и специјална ќелија во „центарот за мачење“ во неодамна ослободениот Херсон, каде што наводно биле притворени и малтретирани деца
Украинскиот комесар за човекови права Дмитро Лубинец изјави дека бројот на деца кои биле „насилно депортирани“ во Русија може да достигне неколку стотици илјади.
Украинските власти досега го потврдија идентитетот на повеќе од 13 000 деца депортирани во Русија, изјави на телевизија комесарот на украинскиот парламент за човекови права, а пренесе „Скај њуз“.
„Не го знаеме точниот број на земени украински деца, но, според нашите податоци, можеме да претпоставиме дека стотици илјади украински деца биле насилно депортирани“,
рече тој.
Инспекторите откриле и специјална ќелија во „центарот за мачење“ во неодамна ослободениот Херсон, каде што наводно биле притворени и малтретирани деца, додаде тој.
„По ослободувањето на територијата на регионот Херсон, јас лично го посетив градот Херсон и таму видовме комора за мачење, каде што, според сведочењето на луѓето кои беа приведени таму, имаше посебна ќелија за деца. Затоа се викаше ‘детска соба’. Не се разликуваше од другите ќелии, беше во многу ладен и влажен подрум“,
изјави Лубинец, цитиран од „Скај њуз“, додавајќи дека не е можно самостојно да се проверат неговите тврдења.