Надежта за Украина е секогаш оправдана, а Украина секогаш си го враќа своето. Денеска е историски ден. Се враќаме во Херсон, порача украинскиот претседател Володимир Зеленски по ослободувањето на Херсон и повлекувањето на руските трупи од градот
Украинскиот претседател Володимир Зеленски вечерва ѝ се обрати на јавноста по повод ослободувањето на градот Херсон во јужна Украина и порача оти „денеска е историски ден“.
Тој рече дека луѓето во јужниот град никогаш не изгубиле надеж и дека не се откажале од Украина.
„Надежта за Украина е секогаш оправдана, а Украина секогаш си го враќа своето. Денеска е историски ден. Се враќаме во Херсон. Отсега нашите бранители се на приодите кон градот. Но, специјалните единици се веќе во градот“,
рече Зеленски.

Украинскиот претседател рече дека дури и кога градот сè уште целосно не бил „исчистен од присуството на непријателот“, самите жители на Херсон ги отстраниле руските симболи од улиците и зградите и сите траги од престојот на окупаторот во градот.
„Исто беше и во сите други градови што беа ослободени од нашите бранители. Така ќе биде и во оние градови кои сè уште го чекаат нашето враќање. Украина ќе дојде кај својот народ. И му благодарам на секој војник и на секоја единица на одбранбените сили кои сега ја овозможуваат оваа офанзивна операција на југ“,
рече Зеленски.