Руските трупи веќе трет ден по ред вршат воени операции на украинска територија и се обидуваат да го освојат главниот град Киев. Изјавите дека попладнево ќе продолжат со нападите, дојдоа од портпаролот на Кремљ, Дмитирј Песков, кој денеска на брифинг со новинарите го обвини украинското раководство дека ги „отфрла преговорите“

Откако руски официјални лица порачаа дека продолжуваат со воените операции зашто Украина одбила да преговара, украинската страна се огласи со порака оти не е точно дека одбиле да седнат на маса и да разговараат за примирје, но не се согласуваат со руските ултиматуми односно неприфатливи услови.
Во изјава за „Ројтерс“, Михаило Подољак, советник во кабинетот на претседателот Володимир Зеленски, вели дека Украина подготвила преговарачка позиција, но се соочила со услови за преговори поставени од Русија.
„Вчера, агресивните акции на вооружените сили на Руската Федерација ескалираа во текот на денот и ноќта со масовни воздушни и ракетни напади врз украинските градови. Ваквите акции ги сметаме само за обид да се скрши Украина и да се принуди да прифати категорично неприфатливи услови“,
вели Подољак.
Руските трупи веќе трет ден по ред вршат воени операции на украинска територија и се обидуваат да го освојат главниот град Киев. Изјавите дека попладнево ќе продолжат со нападите, дојдоа од портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, кој денеска на брифинг со новинарите го обвини украинското раководство дека ги „отфрла преговорите“.
„Бидејќи украинската страна одби да преговара, напредувањето на руските сили продолжи попладнево“,
рече Песков.
Истите причини, попладнево беа наведени и во соопштение од руското Министерство за одбрана. Во него пишува дека на руската војска и е наредено да ја прошири својата офанзива во Украина „во сите правци“ откако Киев одби да одржи разговори во главниот град на Белорусија.
„Откако украинската страна го отфрли преговарачкиот процес, денеска сите единици добија наредба да ја прошират офанзивата во сите правци, во согласност со плановите на операцијата“,
се наведува во соопштението на портпаролот на руската армија, Игор Конашенков.
Можноста двете страни да седнат на преговарачка маса вчера ја навести токму советникот на Зеленски, Подољак, кој рече дека Украина е спремна да преговара, дури и за нејзиниот неутрален статус во однос на НАТО.
Потоа и украинскиот претседател директно го повика рускиот претседател Владимир Путин да седнат и да преговараат.
Од страна на Кремљ, пак, потоа следуваше информација дека Путин во разговор со кинескиот претседател Си Џинпинг рекол дека Русија е подготвена да испрати делегација во Минск за да преговара.