Сите граѓани на Украина, кои учествуваа во организацијата на овие акции, заедно со руските окупатори, ќе сносат одговорност во согласност со одредбите на Кривичниот законик на Украина
Украинското Министерство за надворешни работи објави дека „пропагандното шоу во кое Русите распишуваат референдуми на привремено окупираните територии е уште едно руско злосторство“ и ги смета за „целосно безвредни“.
Во соопштението за медиуми објавено утринава се наведува дека присилувањето на луѓето на тие територии да пополнуваат некакви документи под закана со оружје е уште едно руско злосторство како дел од агресијата врз Украина.
Исто така, се наведува дека ваквите дејствија сериозно ги кршат Уставот и законите на Украина, исто како нормите на меѓународното право и меѓународните обврски на Русија.
„Овој настап нема никаква врска со изразувањето на сопствената волја и нема последици за административно-територијалниот систем на Украина и меѓународно признатите граници. Украина и меѓународната заедница ги осудуваат ваквите постапки на Русија и ги сметаат за безвредни“,
се вели во соопштението.
Украинското Министерство за надворешни работи соопшти дека сите граѓани на Украина, кои учествуваа во организацијата на овие акции, заедно со руските окупатори, ќе сносат одговорност во согласност со одредбите на Кривичниот законик на Украина.
„Луганск, Донецк, Запорожје и Херсон, исто како и Крим, остануваат суверени територии на Украина. Украина има целосно право да го врати својот територијален интегритет со воени и дипломатски средства и ќе продолжи да ги ослободува привремено окупираните територии. Украина никогаш нема да се согласи на каков било руски ултиматум “,
велат од МНР.
На крајот Украина ги повикува ЕУ, НАТО и Г-7 „веднаш и значително да го зголемат притисокот врз Русија, што вклучува воведување нови строги санкции и драстично зголемување на воената помош за Украина вклучително и со обезбедување тенкови, борбени авиони, оклопни возила, артилерија со долг дострел, опрема за противвоздушна и ракетна одбрана“.
Во соопштението Украина ги повикува партнерите јасно да ѝ дадат до знаење на Русија дека единствениот одговор на нејзините обиди за анексија, уцени и ултиматуми ќе биде зголемувањето на поддршката за Украина за таа да надвладее над агресорот.