Советникот на украинскиот претседател, Михаило Подољак, во интервју за германски „Билд“ порача дека во оваа фаза во која се наоѓа војната сега главниот проблем е што оружјето не е рамномерно распределено бидејќи фронтот се протега на речиси 1 300 километри
Според Подољак, во моментов не треба да се разговара со Русија, туку потребни се инвестиции во воено производство и снабдувањето на Украина со дополнително оружје од страна на сојузниците, со оглед на моменталната состојба на бојното поле.
„Во оваа фаза од војната, проблемот е што оружјето, беспилотни летала, гранати или артилериска муниција не е рамномерно распределено. Тоа треба да се изедначи“,
изјави Подољак за германскиот весник „Билд“.
Тој вели и дека долгиот фронт кој се протега на околу 1 300 километри, каде што борби се водат на 600-800 километри, дополнително го отежнува војувањето. Моменталната воена состојба, според него, е тешка бидејќи интензитетот на борбите не слабее, без разлика на климатските фактори. Но, сепак, вели дека Русија не постигна значителен напредок за една година.
„Русија се бори со масите, спроведена е тајна мобилизација, многу луѓе се испратени на фронтот, многу опрема е концентрирана и сето тоа треба да се уништи“,
рече Подољак.
Тој претпоставува дека војната ќе продолжи според плановите на рускиот претседател Владимир Путин додека не ја освои целата територија на Украина, додека не постигне доминација во Европа и додека не ги освои останатите постсоветски територии.