Граѓаните во 2025 година пријавиле вкупен доход од над 612 милијарди денари, а вкупно пресметаниот данок на личен доход изнесува 39,8 милијарди денари. Споредено со 2024 година, додаваат од Управата за јавни приходи, вкупниот пријавен доход во годишните даночни пријави е зголемен за 74,1 милијарда денари, а пресметаниот данок на личен доход за 4,86 милијарди денари
Управата за јавни приходи (УЈП) информира дека е завршено годишното оданочување на граѓаните за 2025 година.

Според податоците на УЈП, граѓаните во 2025 година пријавиле вкупен доход од над 612 милијарди денари, а вкупно пресметаниот данок на личен доход изнесува 39,8 милијарди денари. Споредено со 2024 година, додаваат од Управата за јавни приходи, вкупниот пријавен доход во годишните даночни пријави е зголемен за 74,1 милијарда денари, а пресметаниот данок на личен доход за 4,86 милијарди денари.
„Генерирани се 863 100 годишни даночни пријави, а од нив, 704 443 се достапни на корисничките профили во системот е-Даночни услуги. Останатите се однесуваат на лица кои сè уште немаат регистриран кориснички профил на порталот и не можат да извршат увид во ГДП, со цел да ги проверат податоците и да го преземат налогот за плаќање. За таа цел, сите физички лица кои сè уште немаат кориснички профил на е-Даночни услуги, веднаш да се регистрираат на https://e-ujp.ujp.gov.mk. Увидот во вашата пријава е ваше право и ваша одговорност – само преку системот можете да проверите дали имате обврска за доплата или побарување за поврат на данок“,
велат од Управата за јавни приходи.
Од УЈП посочуваат дека од вкупниот број пријави достапни на корисничките профили во системот е-Даночни услуги, 26 653 пријави се потврдени лично од даночните обврзници, 1 145 пријави се коригирани од нивна страна, а останатите 676 645 пријави се потврдени службено од страна на Управата.
