„Со тоа што навремено сме известиле и сме ги превенирале овие состојби, нема оштета на буџетот. Даночните службеници спречиле исплати за поврат на ДДВ од 160 117 130 денари и за Данок на личен доход од 18 969 998 денари“, вели директорката на УЈП, Сања Лукаревска
Управата за јавни приходи (УЈП) објави детали за извршени контроли кај компании кои биле регистрирани за трговија со нафта и нафтени деривати на големо и мало, а за кои постои сомневање за даночни неправилности во работењето согласно Законот за данок на додадена вредност.
Овластените службени лица на УЈП извршиле три контроли по основа на ДДВ и една контрола по основа на данок на личен доход, една контрола на увид по состојба на резерви, односно попис, како и пет контроли за деловни односи. Исто така, велат дека во тек е и постапка за еден даночен обврзник, кој по завршување на оваа контрола на ДДВ, а согласно анализите, отворен е налог и за данок на добивка и за данок на личен доход.
Директорката на УЈП, Сања Лукаревска, вели дека по спроведени контроли кај три даночни обврзници, кои од своето основање како правни лица во Централниот регистар се регистрирани за вршење дејности трговија со нафта и нафтени деривати на големо и мало, како и обврзник кој престанал да ја извршува првичната дејност за која бил регистрирани продолжил да се занимава со трговија на нафта и нафтени деривати. Дел од нив, како што рече Лукаревска, во Централниот регистар извршиле промена на назив и седиште на правното лице.
„Во одреден критичен момент извршиле промена на сопственичката и управувачката структура, со што како нов основач, сопственик и управител се јавуваат странски државјани. Станува збор за три даночни обврзници и петмина добавувачи“,
рече Лукаревска на денешниот брифинг со новинарите.
Во основа на сите контроли, додаде Лукаревска, имале наод од страна на инспекторите, како што имало и соодветен кусок.
„Кај првиот и кај третиот случај, првичен сопственик и управител на двете правни лица, пред да се изврши промената во Централен регистар и да се назначи нов основач и управител, било едно исто лице кое во 2023 година го има сменето презимето“,
додаде таа.
Ова, како што рече Лукаревска, го правдал дека го прави поради фамилијарни причини.
Таа додаде и дека за двете фирми овластен сметководител е исто правно лице.
Кај сите овие три случаи, за извршување на дејноста, Лукаревска вели дека не поседуваат соодветни лиценци за трговија со нафта и нафтени деривати од Регулаторната комисија за енергетика, немаат бензинска пумпа и немаат складиштен простор за чување на нафтата.
Директорката вели дека кај првиот контролиран случај станува збор за утврдени неправилности по основа на ДДВ од 79 350 190 денари, во вториот од 26 090 205 денари, а во третиот случај за 54 676 милиони денари.
Доказите, како што рече таа, се доставени до истражните органи за постапување согласно нивните надлежности. УЈП има доставено писмена пријава до ОЈО и МВР на 15.11.2023 година, а до Управата за финансиската полиција има поднесено писмена пријава со докази од 1 декември 2023 година.
„Со тоа што навремено сме известиле и сме ги превенирале овие состојби, нема оштета на буџетот. Даночните службеници спречиле исплати за поврат на ДДВ од 160 117 130 денари и за Данок на личен доход од 18 969 998 денари“,
додаде Лукаревска.
Вчера опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвини дека мрежа од компании направиле милионски штети на државниот Буџет откако подолго време со фиктивни фактури црпеле пари по основа на поврат на ДДВ. Во оваа мрежа на компании, според опозициската партија, често се менувале одговорни лица и сопственици, а во поголем дел од случаите, тоа биле лица кои тешко може да бидат лоцирани бидејќи се од земјите од соседството.
Од ВМРО-ДПМНЕ обвинија и дека ваков систем не можел да функционира со или без Управата за јавни приходи.
Од Управата за јавни приходи (УЈП) ги демантира наводите кои ги изнесе опозициската ВМРО-ДПМНЕ оти УЈП не постапила или воопшто немала увид во случајот со мрежа на компании кои преку фиктивни фактури црпеле милионски суми од Буџетот по основа на поврат на ДДВ. Од Управата ги оценија за невистинити ваквите наводи, посочувајќи дека во моментов надлежните институции го испитуваат случајот.