Заклучно со денеска, Управата за јавни приходи одобри и обработи вкупно 17 813 барања за финансиска поддршка од 14 500 денари по вработен на фирми за исплата на плата за април, за 110 325 вработени, а вкупниот износ на финансиската поддршка изнесува 1 545 193 018 денари.
Во соопштението на УЈП се истакнува дека Владата минатата недела изврши исплата на финансиските средства на 10 103 фирми, а Управата за јавни приходи продолжува со дообработка на останатите барања на фирми кај кои имаше технички недостатоци во МПИН пресметката.
Субвенционирање на минимална плата од 14 500 денари е една од мерките што ги усвои Владата за помош на компаниите во услови на криза предизвикана од пандемијата со ковид-19 чија цел е да се зачуваат работните места и ликвидноста на компаниите.
Вчера премиерот Оливер Спасовски го промовираше третиот сет мерки за финансиска помош поради ковид-кризата.
