Директорката на УЈП Лукаревска рече дека се работи за 782 вработени, кои на крајот ќе ги добијат парите со присилна наплата од фирмите
Oвие компании се од три града: Скопје – 73, Тетово – 21 и Гостивар – 10
Заклучно со 31 декември 2020 година, 245 работодавачи кои добиле финансиска поддршка од државата за исплата на плати за ноември во износ од 12 милиони 298 илјади 833 денари не им исплатиле плата на 782 вработени.

Управата за јавни приходи, како што изјави на денешната прес-конференција директорката Сања Лукаревска им испратила опомени, со рок тоа да го сторат во рок една недела. Во спротивно ќе следи присилна наплата, односно, блојада на нивните трансакциски сметки и префрлање на средства на сметките на работниците и на УЈП.
Како што соопшти Лукаревска, овие компании се од три града: Скопје – 73, Тетово-21 и Гостивар – 10.
Од нив 43 се занимаваат со трговија на мало со вкупно 84 вработени, 37 се фирми за подготовка на оброци и пренос на храна кои не исплатиле плата на 108 вработени и 22 фирми за транспорт со вкупно 127 вработени.
Согласно Законот за финансиска поддршка во услови на здравствена криза, за компаниите кои за октомври, ноември и декември зеле државни субвенции, а не им исплатиле плати на вработените, следат глоби и тоа: од 500 до 1 000 евра на микро – правно лице, од 500 до 2000 евра за мало правно лице, од 1 000 до 6 000 евра за средно и од 1 000 до 10 000 евра за голем даночен обврзник.
Според Лукаревска се работи за 125 компании кои не ги исплатиле работниците за еден, два или за сите три месеци и за нив до ОЈО се поднесени пријави за кривично гонење.
„Постојат работодавачи кои и покрај нашите транспарентни објави продолжуваат да ја злоупотребуваат финансиската помош од државата. Листата со минатите прекршители е доставена до ОЈО, а ќе биде и оваа. Кривична одговорност е неопходна, бидејќи станува збор за злоупотреба на државна помош“,
рече Лукаревска.
Но таа посочи дека ваквитте брзи контроли за овие злоупотреби, откриле дека овие компании имаат и други прекршувања на законот. Една таква контрола на целна група од десетина компании покажала дека тие не само што не им исплатиле плати на вработените од државната помош, туку тие и претходно во континуитет не исплаќале плати.
Лукаревска рече дека се работи за фирми со 1 до 5 вработени, главно фамилјарни бизниси.
Следната контрола на тоа кој исплатил, а кој не исплатил плата, а зел државна помош ќе биде направена на првиот работен ден, на 4 јануари, по што листата со фирми кои направиле злоупотреби ќе биде доставена до Владата.
152 фирми не им ги дале субвенциите на вработените за април, мај и јуни
Лукаревска рече дека има компании кои не зеле државни субвенции за плати, а не ги исплаатиле вработените за месеците април, мај и јуни.

Се работи за 50 компании со 108 вработени за април, 38 фирми со 66 вработени за мај и 64 компании со 160 вработени за јуни. Овие случаи се предадени во ОЈО.