Интензивниот дожд, кој се очекува да падне за кратко време, може да предизвика локални проблеми на крајбрежјата на реките, но и на патната инфраструктра, а на одредени места е можна и појава на свлечишта и одрони, велат од Управата
Од УХМР на граѓаните на земјава им препорачуваат внимателно движење, особено покрај реките и суводолиците
Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) излезе со предупредување дека невремето што се најавува дека ќе ја зафати земјава во попладневните и ноќните часови, доколку се случи, може да предзивика излевање на водите од реките, поплави и свлечишта.

Интензивниот дожд, кој се очекува да падне за кратко време, може да предизвика локални проблеми на крајбрежјата на реките, но и на патната инфраструктра, а на одредени места е можна и појава на свлечишта и одрони, велат од Управата.
„Доколку се остварат овие врнежи со голем интензитет за кратко времетраење на одредени помали сливни површини, во вечерните часови, па и во раните часови утре, можно е да дојде до поројни истекувања на помалите водотеци и суводолици и до несакани излевања на нивните води, кои би можеле да предизвикаат локални проблеми како на крајбрежјето, така и на патната инфраструктура, која е во нивна близина, а на одредени места можна е и појава на свлечишта и одрони. Во одредени градски населби, можна е појава на локални проблеми поради брзото истекување на водите по улиците, а атмосферските води од олуците приклучени на канализациите, можат да предизвикаат комунални проблеми и плавење на одредени подземни простории“,
се наведува во соопштението на УХМР.
Оттаму велат дека не се очекуваат врнежи со толкав интензитет како оние во северозападните делови на Балканскиот Полуостров, но, сепак, достапните модели најавуваат врнежи на целата територија на државата.
„Поголема внимателност генерално е потребна на крајниот запад кај сливот на реката Радика, околу планините Шар Планина, Скопска Црна Гора, Осоговието и делови од Малешевските Планини и Огражден. Потоа во градските и приградските средини во реоните на Тетово, Скопје, Куманово, Крива Паланка, Штип, Свети Николе, Кратово, Пробиштип и Кочани“,
се наведува во соопштението, пренесува МИА.
Од УХМР на граѓаните на земјава им препорачуваат внимателно движење, особено покрај реките и суводолиците.
Според најавата од синоптичарите, попладне и во ноќните часови почнувајќи од запад, облачноста ќе се зголемува и времето ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, наместа во форма на невреме со интензивен дожд , силен ветер, поинтензивни електрични празнења и услови за појава на град.
Во врска со најавите за невреме, за преземените активности информира и Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Скопје.
„Екипите на сектор канализација при ЈП ‘Водовод и канализација’ – Скопје, покрај редовните активности за одржување на канализационата мрежа, во согласност со податоците на УХМР и најавите за невреме, вчера и денес спроведуваат и дополнителни активности за расчистување на сливниците и шахтите на критичните точки и сите подвозници во градот, со цел непрекината функционалност на атмосферската канализациона мрежа. Во текот на изминатите денови на територија на град Скопје екипите работеа на површинско расчистување на 1458 сливници, рачно чистење на 387 сливници, контрола на 689 шахти, рачно чистење на 308 шахти и перење на 32 сливника со цистерна под притисок, во 9 реони во градот“,
се наведува во соопштението од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје.

Оттаму велат дека се подготвени за интервенции и навремени реакции во согланост со условите и интензитетот и количната на водениот талог што ќе падне.