Вчера, како што информира УХМР, во Скопската Котлина беа регистрирани значително високи количества на врнежи проследени со ветер, грмотевици и локална појава на град и суградица, кои предизвикаа штети и поплави во градското подрачје
Невремето кое вчера го зафати Скопје може да се случи само еднаш во две до пет години, покажуваат историските мерења и статистички истражувања на интензивните врнежи со кусо траење изработени во Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Вчера, како што информира УХМР, во Скопската Котлина беа регистрирани значително високи количества на врнежи проследени со ветер, грмотевици и локална појава на град и суградица, кои предизвикаа штети и поплави во градското подрачје.
„На автоматските и дождомерните метеоролошки станици во Скопје и околината, кои се дел на метеоролошкиот набљудувачки систем на УХМР (Главна метеоролошка станица – Скопје Зајчев Рид, Гази Баба, Карпош, Црешево и дождомерните станици Лисиче и Ѓорче Петров) вкупното количество на измерени врнежи изнесува Гази Баба 35мм Црешево 25мм, Лисиче 20мм, Скопје Зајчев Рид 8мм, Карпош 6мм, Ѓорче Петров 3мм“,
се наведува во соопштението од УХМР.
Од Управата додаваат дека локално врнежите биле со силен интензитет, па така, во Гази Баба за два часа наврнале 33мм, во Лисиче 20мм и Црешево 25мм. Максималната брзина на ветер е регистрирана на Скопје Зајчев Рид во 16:10 часот од источен правец и изнесува 18,7м/с (повеќе од 65 км/час).
Откако вчера попладне Скопје беше погодено од силно невреме проследено со дожд, ветер и град, Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) и за денеска најавува нестабилно време во главниот град.
Според УХМР, во Скопје денеска ќе преовладува променливо облачно, попладне нестабилно време со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во делови од котлината ќе има услови за појава на невреме. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 30 степени.