Во главниот град Киев, околу 60 отсто од населението се соочува со недостаток на електрична енергија, како последица на руското ракетирање на клучната енергетска инфраструктура на земјата
Новата стратегија на Русија да ја втурне Украина во мрак со удари врз нејзината енергетска инфраструктура нема да ја ослабне решителноста на неговата земја, вели украинскиот претседател, Володимир Зеленски во интервју за „Фајненшл тајмс“.

„Тоа е војна на сила, издржливост, се работи за тоа кој е најсилен“,
вели Зеленски во интервјуто, објавено денеска.
Околу 15 региони во Украина имаат проблеми со снабдувањето со вода и електрична енергија.
Во главниот град Киев, околу 60 отсто од населението се соочува со недостаток на електрична енергија, како последица на руското ракетирање на клучната енергетска инфраструктура на земјата.
Украина и денеска продолжува да работи на санирање на енергетската инфраструктура оштетена од руските удари, со цел да се снабдат милиони граѓани кои останаа без парно и струја.
„Состојбата со струјата останува тешка во речиси сите региони“,
рече Зеленски вчера во своето редовното обраќање и додаде дека струјата се приклучува секој час за новите потрошувачи.
И градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, потврди дека речиси половина од домаќинствата во главниот град на Украина во моментов се без струја.
Русија девет месеци спроведува агресија врз Украина, а во последно време се обидува да ги уништи енергетските постројки и инфраструктурата со ракетирање на украинските термо и хидроелектроелектрани.
Олена Зеленска, сопругата на украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за Би-би-си ја споредува ситуацијата со војната во Украина со трчање маратон и потенцира дека оваа атлетска дисциплина е полесен предизвик.
„Знаете, лесно е да се трча маратон кога знаете колку километри има“, вели Зеленска и додава дека за разлика од маратонот ситуацијата со војната во Украина е неодредена.
Украина и вчера беше под жесток ракетен напад на руските сили, особено градот Херсон, од кој Русите се повлекоа пред две недели.
Најмалку четири лица загинаа, а десет беа ранети во нападите врз Херсон, кој главно е без струја и вода, еден ден по многубројните руски напади врз енергетска инфраструктура.