Учебната година треба да стартува на 1 октомври. За учениците од прво до трето одделение ќе се организира настава со физичко присуство, но има опција и тие да следат онлајн-настава, а за тоа родителот ќе треба да даде писмена изјава до училиштето.
За децата од четврто до деветто одделение и за средношколците се нуди комбиниран модел, односно и за нив ќе може да се организира настава со физичко присуство, само доколку училиштето ги исполнува условите предвидени со протоколите. Општините и директорите на училиштата кои сметаат дека ги исполнуваат условите треба да поднесат барање до Министерството за образование и наука (МОН) и да добијат согласност од Владата. Барањето треба да го поднесат до 10 септември.
Ова го соопштија министерот за здравство и министерката за образование и наука, Венко Филипче и Мила Царовска, на денешната прес-конференција презентирајќи ги протоколите и моделите за наставата за новата учебна година.
Како ќе изгледа еден училиштен ден?
Училиштата ќе работат од 7 до 20 часот. Во група може да бидат најмногу 20 ученици, а часот во основните училишта ќе трае 30 минути (за оние каде што има физичка настава) и 35 минути (за оние каде што има онлајн-настава), додека во средните 35. Малите одмори помеѓу часовите ќе траат по 5 минути, а големите 15.
Сите влезови на училиштата треба да бидат ставени во функција и ќе има распоред со различно време на влегување и излегување за секое одделение. Родителите, освен на децата со посебни образовни потребни, нема да смеат да влегуваат во училиштата.
„На секој влез учениците ќе ги пречекува дежурен наставник за да ги дезинфицираат и обувките и рацете. На оние што доаѓаат со организиран превоз ќе им се мери и телесна температура. Оние што имаат покачена температура ќе се враќаат дома. Вработените и учениците при влегување, за време на престојот во училиштето и наставата, задолжително ќе треба да држат физичка дистанца од 1,5 метар и да носат маска, освен кога се на отворено во училишниот двор“,
посочи Филипче.
Во основните училишта се препорачува наставата да се реализира надвор и тогаш нема да биде потребно да се носат маски, но ќе мора да се држи растојание. Учениците целиот школски ден ќе го поминат во една училница, односно нема да има кабинетска настава, а спортските сали, библиотеките и другите простории во исто време ќе може да ги користи само една паралелка.
„Се носи оброк од дома или ако е можно оброкот го обезбедува училиштето, спакуван. Учениците го консумираат оброкот во училницата со соодветна контрола од наставникот. Редовно проветрување на просториите, пред и по завршување на смената. Не е дозволено влегување на други лица додека се децата во училниците“,
рече министерот.
Ако се појави заболен или суспектен ученик, тој ќе треба да се изолира со задолжително носење маска, да се повика епидемиолог од Центарот за јавно здравје, како и родителите на детето. Понатаму, ако се утврди дека детето е заболено, ќе се постапува со останатите деца и со наставниците според процената на ризик што ќе ја направи епидемиологот.
Истиот принцип ќе се применува и ако некој наставник заболи од ковид-19. Дополнително, во овој случај ќе се утврдува дали наставникот ќе може да продолжи со онлајн-настава од дома, каде што е во изолација, или ќе се бара заменски наставник, што го дозволува и законот, објасни министерката Царовска.
Министерот Филипче побара да се почитуваат протоколите бидејќи тие даваат резултати само ако се придржуваме до нив, а на средношколците кои бараа физичка настава им порача дека ова нема да биде трајна ситуација и дека е принудна поради здравствената состојба и за нивна заштита.
Онлајн-наставата – учениците дома, наставниците во школо
Министерката Мила Царовска посочи дека ќе постои национална платформа, а на прес-конференцијата појасни и како ќе изгледа онлајн-наставата за учениците кои нема да бидат физички присутни во училиштето.
За децата од прво до трето одделение, за кои родителите ќе побараат да следат настава од далечина, наставникот ќе може да ги вклучи онлајн додека го држи часот со оние што се физички присутни. Друга опција е да го снима часот и да им го испрати, како и да изготви печатени материјали кои ќе ги преземат родителите.
За паралелките над трето одделение, односно во училиштата што не ги исполнуваат условите за физичко присуство, наставникот ќе мора да биде присутен во училиштето од каде ќе се вклучува онлајн и ќе предава. Исклучок се само хронично болните наставници кои ќе може да предаваат и од дома.
Директорот на училиштето ќе биде должен да обезбеди поврзување интернет за да може да се реализираат часот, а ако има проблеми околу ова прашања, тогаш наставниците ќе може и од дома да ја спроведуваат наставата.
За оние ученици што немаат компјутери и пристап до интернет, во планот е предвидено училиштето да организира настава со физичко присуство, а ако родителите не се согласуваат, тогаш да им се дадат печатени материјали на родители.
Во однос на тестирањата и проверката на знаењата, Царовска рече дека тоа е предвидено да се прави со физичко присуство на учениците, но за тоа Бирото за образование и наука сè уште го изготвува протоколот.