Според Министерството за образование и наука, комбинираниот модел бил успешно воспоставен во првото полугодие и затоа нема да се менува во вториот дел од учебната година
По тринеделен зимски распуст, основците и средношколците денеска се враќаат на настава за да го продолжат второто полугодие.
Според Министерството за образование и наука, комбинираниот модел бил успешно воспоставен во првото полугодие и затоа нема да се менува во вториот дел од учебната година.
„Во првото полугодие најголем предизвик беше како наставниците ќе се снајдат со онлајн наставата. Но овој предизвик е надминат и второто полугодие го продолжуваме по веќе воспоставениот хибриден модел: онлајн, со физичко присуство и со следење часови преку телевизија“,
изјави министерката Мила Царовска пред два дена во телевизиско гостување.
Според оценката на МОН, првото полугодие е успешно, со навреме завршено оценување, над 90 отсто ученици во онлајн настава и помалку од 1 процент наставници и ученици со ковид-19 во наставата со физичко присуство.
Единствени што најавија бојкот на почетокот на второто полугодие е Сојузот на средношколци сè додека нивните барања не бидат прифатени: МОН да ја измени содржината на матурата и да го намали бројот на предмети што треба да се полагаат – од четири предмети, на два, од кои едниот да биде мајчин јазик, а вториот по избор на ученикот согласно неговите планови за понатамошното образование.
Согласно со измените на Календарот за организација на работата на училиштата (основни и средни), првото полугодие оваа учебна година почна еден месец подоцна, односно на 1 октомври, а бројот на наставни денови е намален од 180 на 159.
