Неколку минути пред полноќ Владата соопшти дека на 26. седница, одржана на 23 март 2020 година, донела три Уредби со законска сила кои се однесуваат на наставата и оценувањето во основното, средното и високото образование. Во основа, со предложените решенија им се наложува на училиштата и факултетите да најдат начин како, преку интернет, да ги учат, тестираат и оценуваат учениците, односно студентите.

Во владиното соопштение, за Уредбата која се однесува на основното образование, прво се објаснува на кој начин може да се одвива наставата:
„Според одредбите од оваа Уредба со законска сила, наставата во основните училишта се организира преку далечинско учење односно учење од дома, со примена на средства за електронска комуникација. Средства за електронска комуникација, во смисла на оваа Уредба се средства кои обезбедуваат реализација на наставата без заедничко физичко присуство на учесниците во наставниот процес и кои овозможуваат взаемна двонасочна комуникација. Средства за електронска комуникација можат да бидат видео-конференциски платформи, електронска пошта или други системи за електронска размена на податоци“,
се вели во владиното соопштение од 26 седница, одржана на 23 март 2020 година.
Потоа, се појаснува дека секое училиште ќе го бира средството за интернет-комуникација.
„За употреба на видот на средствата за електронска комуникација од став 2 на овој член одлука донесува основното училиште. За периодот на организирање на наставата во основните училишта преку далечинско учење односно учење од дома, наставникот може да изврши оценување на учениците. Со примена на средствата за електронска комуникација може да се спроведат испрашувања, тестирања на учениците или да се користат други форми на утврдување и оценување на знаењето на ученикот“,
се објаснува во владиното соопштение.
Уредбата со законска сила која се однесува на средните училишта е безмалку идентична како онаа за основните. Единствената разлика е замената на терминот „основни/о“ со „средни/о“
Разлики има во Уредбата со законска сила која се однесува на факултетите. По делот во кој се наложува употреба на електронски средства за двонасочна комуникација, што значат тие и дека секој факултет треба сам да избере погоден метод, поблиску се уредува одвивањето на наставата и испитите.
„Преку системот за далечинско учење со примена на средства за електронска комуникација се спроведуваат предавањата, вежбите, форми на континуирана проверка на знаењето, индивидуалната настава и други облици кои се соодветни на специфичноста на наставно-научната и уметничката област, консултативно-инструктивната настава, индивидуална студиска работа (истражување на литература, семинарски задачи, проектна работа), како и одбраната на дипломска/и, магистерска/и и докторска/и задача/труд. Полагањето на испитите и колоквиумите ќе се врши со примена на средства за електронска комуникација под услов да се обезбедени соодветни технички решенија кои обезбедуваат идентификација и контрола на работата на студентите за време на полагањето. Работата на Стручната служба во високообразовните установи односно јавните научни установи ќе се врши со примена на средства за електронска комуникација“,
соопштија од Владата.
Поради вонредната состојба, продолжува важноста на акредитациите на постојните студиски програми на сите три циклуси на високо образование, чија важност престанала или ќе престане за време на вонредната состојба. Се продолжува и мандатот на органите и телата на високообразовните институции, чиј мандат истекол за време на вонредната состојба.