Според информациите, лицето чиј идентитет не се открива, се пријавило во полициската станица „Пролет”
Второосомничениот во случајот со вчерашното убиство на Васил Е. кај трговскиот центар „Мавровка“ во Скопје, кој беше во бегство и по кого полицијата трагаше, вечерва самиот се пријавил во полициска станица, потврдија за „360 степени“ од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Според информациите, лицето чиј идентитет не се открива, се пријавило во полициската станица „Пролет”.
Од МВР не соопштуваат повеќе детали во врска со овој најнов момент во случајот. Велат дека за тоа што ќе произлезе од постапката со второосомничениот ќе информираат дополнително.
Според описот на дејствијата од грозоморното убиство на паркинг-просторот зад трговскиот центар „Мавровка“, што денеска преку писмено соопштение ги сподели Основното јавно обвинителство Скопје, по убиството на Васил Е. за кое е осомничен 39-годишниот Е. К., на местото пристигнало возило „ситроен“ со белгиски регистарски ознаки во кое бил второосомничениот, кој од багажникот на автомобилот на жртвата одзело гајба со рачен алат и се оддалечило.
Автомобилот „ситроен“ тој го оставил во населбата Гази Баба и се качил во автомобилот „ауди“, по што заедно со првоосомничениот продолжиле да се движат кога на улицата „Стојна Стефкова“ во населбата Чаир биле пресретнати од полицијата.
„Додека другото лице управувало, сега осомничениот (Е.К.) излегол од совозачката врата и пукал обидувајќи се да ги лиши од живот полицајците кои сакале да го запрат. Четворицата полициски службеници во самоодбрана испукале неколку предупредувачки проектили во воздух со службеното оружје, па го совладале и привеле осомничениот. Другото лице се дало во бегство и по него се трага“,
соопштија денеска од Обвинителството.
Информирајќи за случајот, претходно денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, меѓу другото, соопшти дека се трага по лице за кое постои сомневање дека помагало во извршувањето на кривичното дело убиство.
Министерот, во објавата на Фејсбук, напиша и дека за лицето кое вчера беше приведено досега не е утврдена повразност со настанот и е пуштено на слобода.
Што се однесува до првоосомничениот Е.К., против кого Обвинителството веќе отвори истрага, а Судот му одреди 30-дневен притвор, тој се товари за три кривични дела – убиство, убиство во обид и неовластено изработување, држење, посредување и трговија со огнено оружје.
Тој беше уапсен по престрелката со полицијата, а денеска, како што информира Тошковски, против него е поднесена кривична пријава по брза постапка.
Убиството се случи вчера (20 август) на паркингот меѓу станбените згради и трговскиот центар „Мавровка“ во Скопје. „360 степени“ објави дека жртвата е лицето Васил Е. Тој е роден 1965 година, живеел и работел во Скопје, а по потекло е од Струмица.