Сириските власти во текот на ноќта воведоа полициски час во градот Хомс во централниот дел на земјата, откако избувнале протести поради видеоснимка на која наводно се гледа напад на алавитски храм
Четиринаесет припадници на сириската полиција се убиени во судир со приврзаници на соборениот претседател Башар ал-Асад, соопштија денеска новите власти на земјата предводени од бунтовниците, пренесува Би-би-си.

Според нив, уште десет други војници биле ранети во борбите кои избувнале завчера во близина на медитеранското пристаниште Тартус, кое е упориште на малцинската алавитска муслиманска секта на Асад.
Извештаите, на кои се повикува британскиот национален сервис, велат дека безбедносните сили биле нападнати од заседа додека се обидувале да уапсат поранешен офицер поврзан со озлогласениот затвор „Сајднаја“, кој се наоѓа во близина на главниот град на Сирија, Дамаск.
За потсетување, пред нешто повеќе од две недели, децениската власт на Асад падна во рацете на бунтовничките сили предводени од исламистичката фракција Хајат Тахрир ал-Шам.
Сириската опсерваторија за човекови права, која е со седиште во Велика Британија, соопшти дека во судирите биле убиени уште тројца вооружени мажи, но, без информации за нивниот идентитет, односно на која страна ѝ припаѓаат.
Инаку, сириските власти во текот на ноќта воведоа полициски час во градот Хомс во централниот дел на земјата, откако избувнале протести поради видеоснимка на која наводно се гледа напад на алавитски храм.
Од Министерството за внатрешни работи тврдат дека станува збор за стара снимка од офанзивата на бунтовниците на Алепо кон крајот на ноември и дека насилството го извршиле непознати групи.
Според сириската опсерваторија за човекови права, за време на протестите во Хомс е убиен еден демонстрант, а петмина биле ранети.
Протести, според извештаите, имало и во други градови, меѓу кои и Тартус, Латакија и родниот град на Асад, Кардаха.
Инаку, Алавитите се огранок на шиитскиот ислам. Многумина од политичката и воената елита на поранешниот режим беа припадници на оваа верска секта, вклучително и семејството на Асад.
Припадниците на оваа заедница се плашат од одмазда бидејќи дел од нејзините членови се обвинети за тортура и убиства за време на режимот на Асад.
Алавитските верски водачи повикаа на општа амнестија на припадниците на сектата, но веројатноста дека нивните барања ќе бидат прифатени се многу мали, поради наводите за бројни воени злосторства извршени од нејзините членови.
По паѓањето на Асад беше обелоденето дека десетици илјади луѓе биле измачувани до смрт во сириските затвори, а илјадници семејства сè уште чекаат одговори и правда за своите блиски.
Сиријците повикуваат на правда и судење за одговорните, што предизвикува загриженост кај членовите на алавитската заедница.

Молскавичната офанзива предводена од Хајат Тахрир ал-Шам, која започна од североисточниот дел на Сирија и се прошири низ целата земја, стави крај на повеќе од 50-годишното владеење на семејството Асад.
Поради офанзивата и преземањето на власта од страна на бунтовниците, Башар ал-Асад и неговото семејство беа принудени да побегнат во Русија, каде што добија азил.
Бунтовничката група која ја презеде власта вети дека ќе ги заштити правата и слободите на многуте верски и малцински во Сирија.