Италијанскиот амбасадор во Конго, Лука Атанасио, е една од трите жртви во денешниот вооружен напад во земјата во која ја извршуваше неговата дипломатска мисија.
Министерството за надворешни работи од Италија, соопшти дека нападот во Конго е извршен врз конвој на ОН во кој бил и амбасадорот. Покрај Атанасио, животот го загубиле и возачот и еден италијански полициски службеник.
Нападот се случи на истиочниот дел од земјата, каде бунтовнички групи се борат за превласт на таа област.
Претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, и Европската Комисија на најостар начин го осудија нападот. Мишел рече дека е шокиран од веста дека се усмртени неколку лица во овој напад, вклучително и италијанскиот амбасадор во Демократската Република Конго.

„Безбедноста и мирот мораат да бидат осигурани: ЕУ ќе остане на страна на ДР Конго и нејзиното население. Сочувство до семејството на амбасадорот“,
напиша Мишел на Твитер.
Портпаролите на Европската Комисија попладнево исто така изразија сочувство во име на институцијата.
„Ова е крајно загрижувачка состојба и од блиску следиме заедно со ЕУ делегацијата во ДР Конго“,
изјави Набила Масрали, портпаролка за надворешни работи.
Таа информираше дека случајот во овој момент се дискутира на Советот на министрите за надворешни работи на ЕУ, што се одржува денеска.
„Високиот претставник за надворешни работи го извести Советот за надворешни и го изрази своето сочувство до семејството, ОН и сите жртви на насилство во Конго“,
истакна Масрали.