Досега лишени од слобода се пет лица поради немирите на вчерашните протести во Тетово, во кои полесно беа повредени четворица полицајци
Полицијата претпладнево уапси уште две лица од Тетово поради учество во вчерашните протести на кои се бараше одговорност за трагедијата со пожарот во модуларната ковид-болница, а дел од демонстрантите се судрија со полициските службеници.
Досега лишени од слобода се пет лица, против кои полицијата подготвува соодветна пријава во координација со јавниот обвинител, потврдија од СВР Тетово за „360 степени“.
„Лицата се задржани во полициска станица во Тетово. Тројца се од Тетово, едно лице е од Кичево и едно од тетовското село Вешала. За кусо време ќе биде изготвен поднесок во координација со јавниот обвинител од Тетово“,
информираат од тетовската полиција.
Во вчерашните протести беа полесно повредени четворица полицајци. Судирите со полицијата настанаа откако дел од демонстрантите се обидоа да стигнат до седиштето на ДУИ, а претходно фрлаа со јајца по општинската зграда.