Мигрантите, како што информираат МВР, се сместени во прифатно-транзитен центар во Гевгелија, а уапсениот странски државјанин бил задржан во полициска станица и против него, по целосното документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава
Службеници од полициската станица за граничен надзор и гранични проверки „Богородица“ синоќа околу полноќ, во близина селото Стојаково во Општина Богданци, уапсиле 28-годишен државјанин на Албанија кој превезувал 12 мигранти од неколку блискоисточни земји.

Според Министерството за внатрешни работи (МВР), синоќа, петнаесет минути по полноќ, полициските службеници се обиделе за запрат возило „хјундаи“ што го управувал М.Е. (28), но и покрај дадениот знак тој продолжил да се движи, а по кратко време го запрел возилото и се дал во бегство.
„При преглед во возилото и проверка на теренот тој бил пронајден и лишен од слобода, а биле пронајдени и 12 лица мигранти (по четири од Сирија, Либан и Иран), кои ги превезувал во возилото“,
се вели во соопштението од МВР.
Мигрантите, како што додаваат од Министерството, се сместени во прифатно-транзитен центар во Гевгелија, а уапсениот странски државјанин бил задржан во полициска станица и против него, по целосното документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава.