Доколку има нови вработувања, тие ќе бидат во согласност со пописот и реалните потреби на институциите, а не по партиски список, како што правеше СДСМ, стои во реакцијата на владејачката ВМРО-ДПМНЕ
ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение реагираше на изјавата на порптаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, која обвини дека претстои масовна партизација на јавната администрација по изјавата на вицепремиерот Изет Меџити на партиска трибина пред два дена дека ќе се вработуваат 3 000 партиски кадри.
Од владејачката партија велат дека СДСМ шири бесрамни лаги за да ја прикрие катастрофалната состојба во која ја остави државата и оти овие тврдења дека во периодот што следува Владата ќе вработи 3 000 лица се невистини и претставуваат очаен обид на СДСМ да најде оправдување за политичкиот неуспех што го доживеаја.
„Ако некој создаде армија на неспособни партиски војници и ја претвори државната администрација во штаб на Бихаќска, тоа е токму СДС! Дополнително, ако има вработувања, тие ќе бидат исклучиво во согласност со пописот и реалните потреби на институциите, а не по партиски список како што правеше СДС“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Дополнително, оттаму велат и дека е смешно што овие прес-конференции ги држи СДСМ, а не ДУИ како одговор на коалицијата „Вреди“, што според ВМРО-ДПМНЕ ја покажува зависноста на СДСМ кон нивниот поранешен владин партнер ДУИ.
„До толку се зависни од ДУИ што еден ден природно ќе си го исполнат стариот договор и ќе се спојат во една партија. Оваа влада е посветена на квалитет, а не на партиски списоци, и тоа граѓаните го гледаат. Паниката во редовите на СДС е очигледна – знаат дека повеќе нема шеми, тендери и дебели хонорари за нивните послушници, па измислуваат скандали кои постојат само во нивните глави“,
реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно денеска, портпаролката на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Богданка Кузеска, на прес-конференција од партиското седиште обвини дека изјавата на првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити дека Владата ќе вработи од 2 000 до 3 000 негови партиски кадри во државната администрација е скандал без преседан.
Кузеска рече дека масовната партизација која се најавува од Меџити е јасно договорена со премиерот Мицкоски, и тоа пред локалните избори кои треба да се одржат есенва, и прашува дали веќе постојат списоци за вработувања кои се наоѓаат на масата на премиерот.
„Откако Таравари изјави дека прво требало да се решат етничките прашања, па потоа да се зборува за економијата, сега Меџити има нова стратегија – прво да се вдомат партиските кадри, а потоа ќе зборуваме за вработување на квалитетните и способните. Мицкоски во целата оваа ситуација молчи, како и секогаш кога е во криза“,
кажа Кузеска.