Истражувањето на Институтот за јавно здравје и Светската здравствена организација покажува дека 73,2 отсто од младите пушачи, кои согласно истражувањето се малолетни лица на возраст од 13 до 15 години, не биле спречени да купат цигари
Вкупно 13,6 отсто од учениците од седмо до деветто одделение, најчесто од 13 до 15 години, користат некој тутунски производ. Ова го покажуваат резултатите од истражувањето кое во соработка со Светската здравствена организација (СЗО) е спроведено во 75 училишта во државата во 2024 година.

Наодите од истражувањето денеска ги презентираа претставници на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), министерот за здравство Азир Алиу и шефот на канцеларијата на СЗО во земјава, Аким Али.
„Вкупно 12,3 проценти моментално користат тутун. Вкупно 5,3 проценти пушат цигари. Вкупно 4,9 проценти од учениците користат тутунски производи што се загреваат (5,1 отсто момчиња и 4,4 проценти девојчиња). Вкупно 3,6 отсто користат тутун што не се пуши. Од учениците, девет отсто користат електронски цигари – 8,2 отсто момчиња и 9,6 проценти девојчиња. Од сегашните пушачи, 66,1 отсто се обиделе да се откажат од пушење изминативе 12 месеци. Да престанат со пушење сега сакаат 56,5 проценти“,
изјави на денешната прес-конференција доктор Сања Прошева од Институтот за јавно здравје.
Пушењето во училишните простори, според наодите на истражувањето, и натаму претставува загриженост бидејќи во 2024 година 45,1 отсто од учениците виделе некого како пуши во или околу училишните згради.
„Податоците од истражувањето покажуваат дека 13,6 проценти од учениците на возраст од 13 до 15 години моментно користат некаков тутунски производ и тоа е највисока преваленција досега регистрирана. Девет отсто од нив, пак, користат електронски цигари, што е повеќе од двојно зголемување во споредба со 2016 година“,
истакна на прес-конференцијата министерот Азир Алиу.
Дополнително загрижувачки, според Алиу, е тоа што 57 отсто од младите биле изложени на тутунски чад во домот, а 55,4 отсто биле изложени на чад во затворени јавни простори. Дополнително, дури 73,2 отсто од младите пушачи, кои според истражувањето се малолетни, не биле спречени да купат цигари поради нивната возраст.
Како важно министерот го истакна тоа што голем дел од испитаните ученици, односно 86,9 проценти, ја поддржале мерката за забрана за пушење во затворени јавни простори.
Претставникот на СЗО во земјава, Аким Али, порача дека со новиот предлог-закон се заштитуваат непушачите, особено децата. Во оваа смисла истакна дека кога родителите ги праќаат своите деца на училиште, очекуваат чиста и здрава средина, а истражувањето покажало дека некои биле подложни на тутун во училиштата.
